Во интервју за ТВ 24 премиерот Зоран Заев вели дека за преговорите за името СДСМ нема поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, но дека има разбирање од нив. Тој се надева дека на крајот и опозицијата и претседателот ќе дадат поддршка.
„Останува надежта дека на крајот ќе добиеме поддршка и од опозицијата и од претседателот на државата. Ние сме за референдум и не отстапуваме од тоа. ДУИ е против тоа. Но, ако градиме политика на консензус, за вакви прашања треба да одиме сите заедно. Се обидувам да имам разбирање за сите и затоа повикувам на национално разбирање. Генерално, во политичкиот блок на собраниските партии, сите се за ЕУ и НАТО, па и решението за референдум мора да биде унисоно“, изјави Заев.
Тој објави дека споменикот на Александар Велики во Скопје нема да се урива, а Грција има разбирање за проблемот на идентитетот.
„Сѐ што имаме ни е македонштината. Но, на граѓаните им требаат повеќе пари, подобар живот и затоа се надеваме дека ќе имаме достоинствено решение за името со Грција. Грците имаат разбирање за тоа дека не треба да се чепка во идентитетот“.
Заев за мај најавува средба со неговиот грчки колега Алексис Ципрас.
„Верувам дека месец мај е убав месец за убаво, достоинствено решение. На средбата со грчкиот колега ќе треба да го решиме последното нерешено прашање. Дотогаш бајаги треба да се испотиме за да кажеме дека дојдовме до договор. На крајот, ако сме пред конечен договор кога ќе седнеме јас и премиерот на Грција, тоа ќе биде завршницата на преговорите, тоа ние ќе го решиме. И да не успееме, преговарачкиот процес останува отворен. Паралелно со преговорите со името, ние одиме со реформите, независно од текот на преговорите – реформите во судството се неопходни, како и владеење на правото, реформи во здравството, во образованието, економијата“, изјави Заев за 24 вести.





