Доколку се усвои законска можност за извоз на медицински канабис, премиерот Зоран Заев проценува дека во 2021 профитот би бил 250 милиони евра.
Премиерот се надева парламентот до крајот на годината да го донесе законот за измени и дополнување на Законот за опојните дроги со кој ќе се даде можност медицинскиот канабис да се извезува, покрај естрахирано масло и сушен цвет.
Според него, покрај извозот на сушен цвет, државата може да ја легализира марихуаната за развој на туризмот и угостителството и така во буџетот да се слеваат уште стотици милиони евра.
„Отворена е можност да дебатираме сите во држвата, не брзаме никаде, цела 2021 година е пред нас, очекувам нашиот народ да оформи став за ова прашање исто како и сите институции, парламентот, Владата, опозицијата, сите заедно да разговараме дали мислиме дека ставањето во употреба на канабисот за рекреативни цели, за нешто што вчера видовме дека и Светската здравствена организација го пушти во светот, што покажува дека сме неколку чекори понапред, дури и од СЗО. Во тој поглед може да го искористиме како акцелератор за развој на оние дејности што не ни се доволно развиени, а тоа се, пред сè, туризмот, угостителството и услужните дејности во државата“, изјави Заев, пренесе Макфакс.
Тој објасни дека во моментот има 50 лиценци од државата издадени за производство на канабис.






