Заев: Бугарите во Устав – кога Македонија ќе биде пред влез во ЕУ

На новинарско прашање дали Бугарите ќе бидат вметнати во македонскиот Устав како малцинство, премиерот Зоран Заев рече рече дека пред самото пристапување на земјава во ЕУ се отвора Уставот со цел да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ, и тогаш се вградуваат и помалкубројните етнички заедници кои се присутни и живеат во земјава, а не се вградени во него.



„Уште пред неколку години се отвори ваква дебата на барање на Хрватите во државата, но и на Црногорците. Ние последни го следиме примерот на сите европски земји, односно земјите посебно Балканот, јас ја кажувам Хрватска, еве Албанија веќе тоа го направи. На своето пристапување, на моментот на пристапувањето на ЕУ се отвора Уставот затоа што мора да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници коишто се присутни и живеат во нашата земја а не се вградени во Уставот. Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме. Две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав во очи на пристапувањето“, истакна Заев.

На новинарско прашање дека доколку бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, дали ќе се бара реципроцитет односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав, со оглед на тоа дека има и Македонци во Бугарија, Заев рече дека тоа е право на Бугарија и оти мешање во внатрешни работи на соседна земја не е порака на пријателство.

„Тоа е право на Бугарија. Секојпат е убаво да се има реципроцитет, но мешањето во внатрешни работи на соседните земји не е порака на пријателство. Тоа останува на нив. Јас го кажувам како наша потреба, а не заради тоа што Бугарија бара“, вели Заев.