По вчерашното откритие на македонските научници кои пред бугарските колеги се обидуваат да ги заштитат македонската историја и идентитет се уште нема реакција од владата на СДСМ и ДУИ.
Јавноста е во исчекување кому ќе ја даде својата поддршка и потпора премиерот Заев откако вчера членови на македонската историска комисија со Бугарија објавија дека во Софија нема желба да се најде компромис туку само намера да се наметне бугарски карактер на македонската историја.
Во секоја друга нормална држава премиерот досега ќе ја свикаше владата, ќе ги суспендираше разговорите и ќе кажеше дека застанува зад членовите што сам ги номинирал да преговараат за историските и образовните аспекти на проблемот со соседот.
А членовите беа совршено јасни.
„За жал, очигледно е отсуството на волја кај членовите на Комисијата од Република Бугарија да се дојде до решение преку кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација често затскривана позади фразата „историска вистина“. Исто така, очигледно е дека бугарската страна го гледа овој процес како можност да го наметнат својот поглед за минатото во друга држава и образовен систем“, брифираат од македонската страна од Комисијата.
Предходно Заев велеше дека не сака да се меша во работата на комисијата и научниците но сега јавно не застана зад тоа што го брифираат членови за државниот медиум МИА.
“Навистина имаме многу успеси, 10 седници се одржани, најдени се решенија за пет историски личности, за три историски периоди. Продолжуваме и понатаму. Водиме грижа еден за друг низ разговорите. Така се гради пријателството, а верувам дека имплементацијата на она што е екстра очекување од самиот договор, на кој што полагам голема надеж како што е договорот помеѓу Македонија и Бугарија за соработка и добрососедство. Пред се во неговата економска имплементација, инфраструктурна имплементација итн. Уште еднаш ќе ги охрабрам комисиите да продолжат навистина низ духот на пријателството. Да ги наоѓаат овие заеднички историски периоди кои не поврзуваат за да заедно славиме. А тоа полека да не сплотува и зближува како добри соседи и како две пријателски земји”, изјави Заев во Октомври 2020 и со тоа индиректно порача дека ќе ја почитува одлуката и позициите на комисијата што сам ја именува.
Доколку сега не излезе јавно да каже дека стои зад своите научници и историчари тој ќе признае дека тие се помалку важни од бугарската политика која јавно се обидува Македонците да ги направи Бугари пред 1945.
Со тоа премиерот отвара уште поголеми дилеми за причините за кои деновиве протестира опозицијата во 11 градови.
Молкот за темите за разговори со Софија за кои ВМРО-ДПМНЕ бара детали и молкот за ставот на членовите на македонскиот дел од комисијата со Бугарија гласно зборува дека во позадината на “џагорот” во јавноста можеби се случува тивка елиминација на македонската наука и идентитет.
Повеќе од авторот
Бугарскиот “антимакедонизам” на колена – пишува Горан Момироски






