По информацијата на Аи.Он која ја преземаа и други медиумите дека скопска фризерница добила 270.000 евра од Национална агенција за европски образовни програми, реагираше и премиерот Зоран Заев, кој ги повика истражните институции да ја проверат работата на директорката Лидија Димова.



Тој во изјава за „А1он“ ја повика Димова, веднаш да излезе пред јавноста и да ги презентира сите детали во врска со распределбата на европски пари за „проекти“ кои ги откриваат медиумите.

„Гледам во медиумите вести кои кај граѓаните со право може да остават сомнеж за користењето средства од европските програми за мобилност, образование и млади. Тој сомнеж е оправдан ако се знае на кој начин власта на ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребуваше европските пари. Јас нема да дозволам да бидам рамнодушен ниту на сомнеж, ниту на евентуални злоупотреби.

Затоа, ја повикувам директорката на Агенцијата Лидија Димова веднаш да излезе и на прес конференција да ги презентира целосно транспарентно сите детали во врска со начинот на распределба на средства од европските фондови наменети за образование и млади. Димова целосно и прецизно треба да ги адресира прашањата на кои реагира јавноста и за кои се јавува сомнежот.

Исто така, ги повикувам истражните институции до детал да ја проверат работата на Националната агенција за мобилност и во најбрз можен рок сите да добиеме веродостојна информација“, вели премиерот Зоран Заев за „А1он“.