Заев аплицирал за пасош со “Северна”, колку долго ќе чека?

Премиерот Зоран Заев денеска аплицирал за нов дипломатски пасош со „Северна“, јавува „Слободен печат“.



Од Владата за порталот велат дека тој до службите упатил писмено барање за издавање дипломатски пасош.

Тој минатата недела во телевизиско интервју најави дека тој во понеделник сабајле ќе поднесе документи за патна исправа со „Република Северна Македонија“.

-Тоа се подготвени документи, министерот за внатрешни работи ми ги презентираше во вторникот на Владата и буквално, од петок ќе почне реализацијата. Еве уште едно ново исполнување од наша страна на Преспанскиот договор, истакна Заев за ТВ21.

Засега не се знае колку долго премиерот ќе чека за пасошот со оглед на тоа што обичните граѓани сега чекаат со месеци за добивање на патни исправи.

За набљудувачи на ситуацијата јавната најава на Заев за патна исправа со Северна има за цел да ја дефокусира јавноста од проблемот со недостаток на пасоши за граѓаните на кои МВР им порача да патуваат со истечени пасоши во странство.