
Баш така – забавааа!
За така релаксирани, на чело со нашите мршојадци, брзопотезно да го смениме Уставот и снабдени со европските „потврди“ за нашето постоење што ќе ги дособереме од ваму – таму и ќе ги окачиме на нашето идентитетско табло, на раат го доодиме незапочнатиот пат до расштиманото пејачко друштво – гордата Европа.
Некој ќе рече – ама ние не сме во хорот! Ако де, бидејќи се сметаме за послушни Европјани, можеме, вакви какви што сме – со разгаќените наши ороводци, додека тие нѐ крадат и се грамадат околу себе – да потскокнуваме околу нив и да им ја олеснуваме макотрпната размисла како, користејќи нѐ како штит, здружени со чекорницата „Европскиот фронт“, побргу си овозможат поврзан проток на криминалот во Европа без граници, а ако можат и да се закачат за некои од европските фондови, каде се цени изверзираниот апаш!
Кој ни брани бе! Здушени во патувачкиот контејнер и ние да се релаксираме, за да се отргнеме од дијагностицираната трауматофобија, од која сѐ од нови потреси перманентно страдаме во неоградената, отворена психијатрија Македонија?
Нова весела играрија, наречена „црна листа“, токму на време, како терапија или зар фрлен на маса, или како политички фал – дар од нашата гувернанта Анѓа, нѐ одушеви деновиве. Се разгракавме како свракини посестрими и како опитни сеирџии сами со себе се мезетиме и да уживаме, чекајќи „некој“ да преземе „нешто“ и да им дојт до ака, на тие… Хххммм!
Како чудесно откритие, нашата Анѓа која не се разликува по личотија од нејзините претходници, со посебно потенцирање ни покажа едно од местата (а покри друго), во случајов кај што се мрести редок примерок на езерско чудовиште – сом, кој поради своевидната тимарена грдосија си озакони стравопочит со широки овластувања во личните уживања. Стана велезаповедник со парите, море закитен и со душите на рајата.
Фудул, како од приказните! Зошто да не? Му се можит! Со години се должи, дебелее под стратешко око на партнерите и мрестаџиите од власта, со „машала“, поплукуван за да не му фатат урок мустаците. Дури од Косово и Албанија поддржувачи со нишани како благослов, се закотвија во Струга… До ден денес работата е – јади, пиј, сликај се и под маса распореди: енси-менси пјо тандос, на околандос половандос, за будаландос кокаландос.
Како планирана ни се јави Анѓа и за да нѐ оттргне од намножените гајлиња, ни го соопшти тоа што ние го знаевме, но како и секогаш, трпевме… Таа, со тоа, убаво ни кажа дека е толку умна колку што нас рајата нѐ прајт недоквакани.
Не прашуј, ни случајно – з’ш? Заборави дека еднаш ѝ помина лагата и дека самата си го оквалификува сопственото однесување, кога здружена со комбинираната, иста, криминална банда, за која, сега, од некои причини ни даде до знаење дека на нив – на Америте и на НАТО – веќе не им требаат вакви, кави што самите ги створија, за да им служат на нивните цели, а нас народот да нѐ игнорираат и пљачкаат до гола кожа.
Ги „оцрнија“ поради тоа што им излегоа од контрола? Или, планирано се дефокусира многу поголем криминален пробив? Или, се работи за рутинска смена на зајдисонце на веќе истоштен и надминат коџобашија?
Сеедно, бргу ќе се знае! Но, дека тие, „црнилата“, фрлени како анатема, се само евтина фарса и немаат никаква важност, чепнатите веднаш ѝ одговорија на Анѓа, со контрадарување – и таа доби црна забрана летово да се бања и гоштева во струшкиот довлет. Андеее! Што е поубава Америка од Струга? Секој нека си седи во својот вилает и нека си продолжи да си го живее животот по веќе воспоставениот ред!
Но, нема за што да се лутиме на Америте. Ние самите злосторнички си ги убивме и мајката и таткото и сега како самопрогласени сираци ја прифативме Анѓа за мајка, а НАТО како ментален двигател и замена за ЕУ, за наш татко. Блазе нас: тие кои ни ја наметнаа комбинираната криминална власт, ја устоличија и толерираат во нејзината организационата поставеност, сега, како да ние ништо не знаеме – ни ја откриваат, со усул, колку што им е потребно. И тоа, со име и презиме….
И? Натаму, што? Како спас, да го обесиме човекот кој ни пушти кадро со американското знаме како под чадор – итрецот? И да се однесуваме како да е само тој, или уште двајца, тројца, па „обештетени“ да престанеме да гракаме, фатени со новофрлената Анѓина јадица?
Еееј, дејгиди рајо неименувана! Ај прибери се! Знаеш дека во ограбенава и поробена држава нема ни кој да ја обвини криминалната власт, ни кој да ѝ суди, ниту имаме во затворите апартмани за нив, милионерите! Во која било од овие градби да подотвориш врата, ќе те пречека и фати за јака некој од избраните и именувани проследувачи на здружената, со тертип организирана, уште подобро заштитена и како цветен букет искомбинирана апашка клапа.
Целата колумна на Јагнула Куновска за Плусинфо на следниот линк:





