За жртвите на лустрацијата 32.400 евра, пресуди ЕСЧП

Шест пресуди против државата Македомнија донесе Европскиот суд за човекови во Стразбур (ЕСЧП), постапувајќи по предметите за процесот на лустрација, а во тек постапува и по други 3 предмети.



Даница Џонова, владин агент за застапување на Република Македонија, пред ЕСЧП, за МИА вели дека не може каже дали во Стразбур има и други апликации бидејќи државата дознава за поднесени апликации во моментот кога апликантите ќе добијат одговор.

„Од моментот на нивно поднесување (апликација) до моментот на доставување одговор за државата може да поминат години”, појаснува Џонова.

Џонова вели декас вкупниот износ на обесштетување од шесте досегашни пресуди изнесува 32.400 евра.

Моментално пред ЕСЧП, како што истакна Џонова, во тек се постапките за предметите за лицата Владимир Милчин, Кирил Псалтиров и Николче Бабовски.

Инаку, прва пресуда на ЕСЧП, против процесот на лустрација во Македонија, беше за поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, објавена во јануари 2016, односно оваа одлука стана правосилна во април истата година.

Потоа следеше пресудата за Петар Карајанов, во 2017 година. Во следната 2018 година, ЕСЧП објави две пресуди за Исак Ајрули и Никола Костурски. Последните пресуди против процесот на лустрација од страна на ЕСЧП беа објавени во 2019 година, односно во септември беа објавени одлуките за Драги Билески и во ноември за поранешниот пратеник на ПДП, Сефедин Харуни.