За замена на старо за ново возило до 3.000 евра субвенција

Доколку старото возило се замени со ново, ќе има можност да се добие субвенција од 2.000 до 3.000 евра. Критериумите за поддршката се уште не се дефинирани, но веројатно ќе базираат на приходите во семејствата, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.



„Нелогично би било некој да купи возило вредно 30.000 или 40.000 евра, а да добие субвенција“, рече министерот, образложувајќи ги мерките.

Ова е една од мерките предвидени со новиот Закон за моторни возила, што беше донесен вчера во Собранието.

Со Законот се предвидени и субвенции за вградување погон за алтернативни горива кај возилата и не се отфрла можноста со оваа мерка да бидат опфатени и оние кои оваа година ставиле плин.

Доколку има ребаланс на Буџетот реализацијата на оваа и останатите планирани мерки ќе почне годинава, а ако не, тогаш средства ќе се обезбедат догодина и имплементацијата ќе стартува од 1 јануари 2020.