За Велигден без забрана за движење во Србија

Епидемиологот и член на српскиот Кризен штаб за борба со коронавирусот, Предраг Кон, најави дека за време на велигденските празници во Србија нема да има забрана за движење.



„За Велигден очекувам граѓаните на Србија од православна вера ќе сфатат оти не е време за заемно посетување и за контактите на кои сме навикнати. Нема да забрануваме движење“, изјави тој.

Според него, израмнувањето на бројот на приеми и на отпусти од ковид-болниците претставува минимален услов за олабавување на мерките.

„Очекувам намалување на бројот на новозаразени, но имаме проблем со големиот прилив на заболени во болниците“, додаде Кон.

Министерот за здравство Златибор Лончар изјави дека болниците се пополнети со 90 проценти од капацитетите за прием на заболени од Ковид-19.

Во последното деноноќие во Србија беа регистрирани 4.133 позитивни случаи и 38 починати, а од почетокот на пандемијата бројот на заразени достигна 614.365 лица, а умреле 5.422.

Во моментов хоспитализирани се 7.749 болни од коронавирус, од кои 297 се на респиратор.

Годинава православниот Велигден е на 2 мај.