За вакцините од Кина ќе ја почекаме кинеската Нова година, најави Заев

Рашомонијадата околу набавката на вакцини ќе потрае до крајот на месецов, барем што се однесува до тие од Кина, откако премиерот Зоран Заев најави дека ќе тргнеле кон Македонија по кинеската Нова година на 18 февруари.



„Вакцините од кинеската компанија ‘Синофарм’ ќе стигнат во Македонија по завршувањето на кинеската Нова година. Владата денеска го врши плаќањето за дозите, а тие ќе пристигнат по 18 февруари. До крајот на месецов вакцината ќе стигне во земјава“, оптимист е тој.

Претседателот на Владата има објаснување и за „шпанската серија“ со вакцините од Србија.

„Се работи за подготовка на техничката документација од ’Фајзер‘ кон Србија за реекспорт или донација. Целта е да стигнат прво овие 4.000 вакцини, па потоа и другите 4.000. Раководството на Србија, претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, сакаат час поскоро да го направат тоа, затоа вака излегоа во најава. Првиот дел беше договорот каде што се забранува реекспорт, односно препродавање на друга земја, па одлучија да го донираат само да почне целиот процес. Но, за жал, сè уште ги чекаме овие одобрувања од ’Фајзер‘“, образложи Заев.