За уставните измени без ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека уставни измени нема да има и засега е со став дека нема да учествува во оваа работна група, бидејќи ваквиот процес го смета за нелегитимен.



Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Клековски изјави дека со внесувањето на Бугарите во Уставот нема да се подобрат односите меѓу двете држави.

„Работната група за уставните измени ќе биде формирана по секоја цена, дури и ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во неа“, најавуваат од Министерството за правда за Радио Слободна Европа.

Сè уште нема прецизни детали како ова тело ќе функционира, но веќе се водат преговори за влез на професори, правни експерти и претставници на партиите и се очекува да биде формирано до крајот на следната недела. Паралелно ќе биде отворен и процес за стручни јавни расправи.

„Откако ќе биде формирана групата, ќе се утврди и методологијата и начинот на работа. Приоритет е Преамбулата на уставот“, велат од Министерството за правда.

Работната група треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија. Откако ќе бидат подготвени уставните амандмани во работната група, ќе бидат испратени во Собранието, каде за промената на Уставот е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници.