На рекордни 40 години затвор за убиство и обид за убиство беше осуден вчера Славе Илиев (61) од село Подлес.
Убиството го сторил пред три месеци во своето родно село, во општина Градско.
Илиев со пиштол го застрелал 42-годишниот велешанец Миле Димов, а неговиот другар Миле Воденичаров тешко го ранил.
Причина за убиството е тоа што Димов копал водоводен канал крај својата викендичка, а на соседот Илиев со кого подолго време бил во кавга, тоа не му се допаѓало.
Судијката Габриела Гајдова му одреди долготрајна затворска казна од максимални 40 години бидејќи за делото за кое е обвинет е предвидена доживотна робија.
При изрекувањето на пресудата, судијката Гајдова рече дека го ценела признавањето на вина, но ги ценела и отежителните околности, под кои Илиев го извршил убиството, јавува ТВ24.
Илиев вчера не беше во судница да ја слушне пресудата.
Неговиот бранител Дејан Трајчевски најави жалба. Адвокатот на оштетените Душко Петров е задоволен од пресудата.






