Официјална Софија ја дефинира надворешната политика на Македонија како непријателска кон Бугарија што може да има не само дневно-политички туку и долгорочни последици по Македонија.
Во изјавата на БТВ бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева освен што обвинува за непочитување на договорот од 2017 открива дека “Скопје води надворешна политика на основа на омраза кон сосед и неговиот народ”.

Како непријателски се оценуваат и активностите на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој ја вратил пораката на Тито на старата железничка станица во Скопје и во чест на ослободувањето на главниот град организирал тури по патеките каде што шетал Јосип Броз Тито.
Со тоа официјална Софија директно ги обвини како свои непријатели креаторите и спроведувачите на македонската надворешна политика, претседателот Пендаровски, премиерот Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Еден од основните принципи на бугарската надворешна политика е реципроцитет што значи дека Бугарија со дефинирање на надворешната политика на Македонија како непријателската си обезбеди алиби за своите непријателски чекори кон земјава.





