За синдикатите е неприфатлив владиниот предлог за пресметка на плати во јавниот сектор, в понеделник нов состанок

Има поместување од „мртва точка“, но во понеделник ќе се одржи нов состанок на кој ќе се направи уште еден обид за доближување на ставовите. Ова е исходот од денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) на која синдикалните претставници повторија дека нема да отстапат од барањата. Она што им било понудено, за нив, како што изјавија, не е прифатливо.



Претставникот од СОНК, Јаким Неделков кажа дека владиниот предлог за новата метологија за пресметка на платите во јавниот сектор за синдикатите е неприфатлива.

  • – „Зголемувањето (усогласување) на платите за само 3.3 % на сегашната плата од месец септември за СОНК е најмалку прифатливо од аспект на процентот на пораст на минималната плата од 12.55 %, како и факторот инфлација од 14,2%. Останува да видиме која е новата пресметка на Владата која ќе биде презентирана во понеделник на ЕСС, по што ќе заседава Советот на СОНК и ќе излезе со заклучоци и информација од седницата“, рече Неделков.

Тој претходно денес, на седницата во Владата потсети на барањата.

  • – „Барањата веќе јавно ги објавивме и ги доставивме до Владата и до ресорното министерство. Моделот минимнална плата помножено со коефициент на сложеност на работни места, предлогот на Владата е просечна плата помножена со соодветен коефициент на сложеност на работни места, значи тука сме некаде, но она што е сламка на препнување, тоа е предолгиот период на усогласување на платите“, рече Неделков.

Владиниот предлог од пет години, како што појасни, е дефинитвно неприфатлив.

  • Направивме поместување од „мртва точка“. За понеделник договоривме нов состанок, во 10 часот. Дотогаш се договоривме пресметките што ги направија синдикатите во однос на предлогот на Владата да ги доставиме до нив. Тие во понеделник да достават уште еден предлог, симулација нова, за да видиме дали ќе можеме да ги доближиме ставовите. Она што беше понудено, за нас не беше прифатливо. Ќе видиме во понеделник дали ќе има понова математика од страна на Владата по она што го зборевме денеска внатре, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски по седницата на ЕСС.

Според него, покачување од страна на Владата не било понудено.

  • Она што го разговаравме и она што може Буџетот да го издржи и она што беше изјавата на ММФ во текот на вчерашниот ден. Во тие насоки се водеа разговорите денеска. Но, ние не отстапуваме од она што го бараме, дека мора да биде поврзано со просечната плата. Имаше одредено намалување на тој транзициски период што го вика Владата, од неколку години се намали уште малку, ќе видиме дали ќе бидат прифатени нашите пресметки што ќе бидат пуштени во текот на денешниот или утрешниот ден до Владата и во понеделник можеби ќе имаме друга информација, истакна Деаноски.

Разликата во пресметките на синдикатите и Владата, како што напомена, не е мала.