За Шасивари ВМРО ДПМНЕ е „недемократска и се плаши од албански премиер“, а „не ја гледа“ „демократичноста“ на ДУИ – „Господарите на Македонија“!

„ВМРО-ДПМНЕ не сака да го легитимира и да го легализира првиот демократски и мултиетнички преседан во уставниот и политичкиот систем на * Македонија, па затоа нема политичка и демократска волја за прв пат да биде избран премиер на новата влада од редовите на третата политичка партија во Собранието, која на последните парламентарни избори освои 11,48% од гласовите на национално ниво, како и од редовите на Албанците  како народ  втор според бројната големина во државата. Иако ВМРО-ДПМНЕ ја има буквата Д (Демократска) во своето име, сепак го нема потребниот демократски дух, кој би се воздигнувал внатре во неа. Но, иако демократијата не трча, таа сигурно стасува до својата цел.“ – вели д-р Јетон Шасивари, професор по уставно право во Правниот факултет на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „И сакам и не сакам!“, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.



Шасивари ја обвинува ВМРО ДПМНЕ дека е, наводно, „недемократска партија, која се плаши од избор на албански премиер на Владата“, но случајно, или намерно заборава да погледне и на фактот дека всушност ДУИ, партијата која го делегира Талат Џафери како прв „албански премиер“, нема никаква демократичност во своето севкупно однесување, туку истапува за сето време на своето политичко дејствување од најтврди етничко-албански позиции. ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети веќе отворено почнаа да се нарекуваат „Господари на Македонија“ и ним не им се важни ниту потребите и интересите на другите етнички заедници во Македонија, а камоли интересите на македонскиот народ. Ахмети и ДУИ за сите 22 години од своето учество во власта спроведуваат албанско-етничка агенда, сосема спротивна на вистинските државно-национални интереси на Македонија како држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани. Која друга агенда може да се очекува дека ќе ја реализира Талат Џафери, иако ќе биде само 100 дена „албански премиер“?

Покрај другото, во својата колумна Шасивари пишува: „Што се крие зад неприродното однесување на ВМРО ДПМНЕ од типот: сакам да бидам во владата, но не сакам да бидам во неа?! Дали оваа партија има проблеми со Талат Џафери , кој во 2013 година беше министер за одбрана во владата, раководена од тогашниот претседател на ВМРО ДПМНЕ? Или има проблеми со Талат Џафери како албански премиер, кој се очекува да дојде од редовите на третата политичка партија во Собранието?! ВМРО-ДПМНЕ денеска се плаши за нешто, што реално може да се случи утре, значи од албански премиер кој би дошол од третата, четвртата, или од петтата политичка партија во Собранието.“

„Можно ли е такво нешто во демократскиот свет? Европската парламентарна практика докажува дека такво нешто е можно. На пример, сегашниот премиер на Белгија Де Кру доаѓа од Фламанската либерална партија, која има само 12 мандати од вкупно 150 (8 отсто од гласовите на ниво на земјата, а е петта партија во белгискиот парламент. Премиерот на Латвија  Каринш во 2019-2023 година дојде од партијата Ново единство, која имаше само 8 мандати од вкупно 100 (8% од гласовите на ниво на земјата, а беше последната партија во латвискиот парламен. Вакви примери во минатото имало во Италија (премиери Спадолини, Кракси и Амато), Норвешка (премиер Бондевик), Финска (премиери Карјалаинен и Миетунен) и т.н.“