Десет годишна забрана да присуствува на галата на „Оскарите“ и другите настани на Академијата за филмска уметност, доби актерот Вил Смит по инцидентот кога на колега и водител на годинашново доделување на престижните филмски награди – му удри шлаканица.
„Забраната има за цел да ги заштити изведувачите и гостите, и да ја врати довербата во Академијата“, се вели во соопштението.
Во соопштението се наведува дека шлаканица на Крис Рок, е случка без преседан.
Академијата му се заблагодари на комичарот Рок што ја задржал својата присебност и смиреност под вонредни околности.
Смит му удри шлаканица на Рок откако комичарот се пошегува за изгледот на сопругата на Смит, Џејда Пинкет Смит.
Истата вечер, набргу по инцидентот, Смит доби „Оскар“ во категоријата Најдобар актер во главна улога – за ликот Ричард Вилијамс, татко на тениските ѕвезди Венус и Серена, во филмот „Крал Ричард“.






