Досега нема конкретен одговор дали СДСМ поддржува замена на формулацијата „јазик што го зборуваат 20% од населението“ со „албански јазик“.
„Отворени сме да разговараме за сите прашања, но важен приоритет се уставните измени во делот на внесувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите, затоа што тоа е важно, тоа е предуслов за продолжување на преговорите со Европската Унија“, рече Дарко Каевски – пратеник на СДСМ.
Коалицискиот партнер Алијанса за Албанците предложи темата 20% да се замени со албански јазик да се разгледа во новоформираната работна група за уставни измени и ги повикаа сите партии да учествуваат во работната група на Министерството за правда и – како што велат, да се исправи неправдата околу именувањето на јазикот.
Од ДУИ, како што пренесува „Алсат“ велат дека би дале поддршка, но укажаа дека треба да се внимава со ова прашање, за да не се искористи како алиби при процесот на гласање на уставните измени.
Поддршка за промена на формулацијата има од претседателот Стево Пендаровски, според кого, „нечиј етнички идентитет не треба да се крие зад броеви“.
Засега е неизвесно дали темата ќе биде на маса кај експертите кои ќе ги кројат уставните измени, а од Министерството за правда предводено од Кренар Лога од Алијанса за Албанците, најавија дека утре ќе објават кои се експертите по уставно право кои се поканети за учество.







