Идејата дека Македонија и Црна Гора можат да сметаат на „пас“ за Европска унија благодарејќи на нивното пристапување во НАТО изгледа наивна, смета заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко.
„На што сметаат овие земји-кандидатки? Дека ќе добијат ‘повеќе сигурност за помалку пари’? Такви слогани беа користени од НАТО во раните 2010-ти и тоа се нарекуваше ‘паметна одбрана’. Меѓутоа на крајот, во името на т.н. солидарност, тие ќе бидат принудени да платат повисока цена бидејќи трошоците за одбрана и безбедносните ризици ќе пораснат. Очекуваат ли тие дека ќе следува ‘пас’ за ЕУ? Тоа изгледа наивно“, изјави тој за „Спутник“.
Според заменикот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, присуството на странска војска и хардвер во Македонија и во Црна Гора, заедно со алармантната реторика, не можат да помогнат за промовирање поволна инвестициска клима во овие земји.
„Странските инвестиции во инфраструктурата и распоредувањето трупи имаат привремен, а не долгорочен или сеопфатен ефект врз економијата. Покрај тоа, по влезот во Алијансата, државите се принудени автоматски да ѝ се приклучат на нејзината генерално непријателска линија во однос на нашата земја, што исто така ќе предизвика сериозна штета на нивните економии“, додава Грушко.





