За работа на автопатите само во Гостивар се пријавиле 50 луѓе, паралелно – куп пари и натаму се одат на сметката на „Бехтел и Енка“

На саемот за вработување за Коридорите 8 и 10д вчера во Гостивар биле поднесени околу педесет пријави за вработување. Планирано е за работниците да се градат два кампа. Првиот наменет за работниците кои ќе бидат ангажирани за коридорот 8 ќе бидат сместени во камп близу Гостивар, а за ангажираните за Коридор 10д кампот ќе биде меѓу Прилеп и Битола.



Вчера вицепремиерот Артан Груби ги повика граѓаните не само од Гостивар, туку и од другите градови да аплицираат и да станат дел од изградбата на најголемиот инфраструктурен проект, како што рече, во историјата на државата.

Во меѓу време, минатата недела Министерството за транспорт и врски на јавното претпријатие му префрлило уште 210 милиони денари, или нешто помалку од 3,5 милиони евра, пари за работењето на „Бехтел и Енка“. Ова е четврта трансакција за потребите на проектот и досега веќе се „испорачани“ безмалку 180 милиони евра за американско-турската градежна компанија.

Проектот на векот, како што беше наречена изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10д, вчера во Гостивар организираше „Саем за вработување“, а неколку дена претходно проструи информација дека за потребите на проектот ќе се гради голем работен камп за вработените. Неофицијално, градежните работи треба да започнат во септември Доколку има доволно кандидати, тогаш нема да има потреба да се бараат работници од странство. Во спротивно, недостигот ќе се пополнува со странска работна сила. 

Инаку, првиот камп за работниците треба да биде лоциран на излезот од Гостивар кон Кичево, од левата страна покрај Вардар. Наскоро ќе има повик и за изградба на вториот камп кој ќе биде за потребите на делницата од Прилеп до Битола, но тој ќе биде двојно помал од гостиварскиот.