„Ниту на авторите-кандидати, а уште помалку на нивните предлагачи, нема да им недостасува ниту влакно од косата ако не биде доделена наградата за новинарство . Поразот ќе биде за целото општество. Тоа ќе значи само потврда на третманот што државата го има кон новинарството и публицистиката, па ако сакате и кон демократијата, пишува новинарот Ѕвездан Георгиевски во „Слободен Печат“.



Годинава државната награда за публицистика и новинарство „Мито Хаџивасилев Јасмин“ бележи значаен јубилеј – ќе биде доделена по 50-ти пат. Или нема да биде доделена?

„Јасмин“ е единствената македонска државна награда за новинарство, и придружната му потрајна вредност – публицистика. Ете, некој пред половина век, во времето на „црното едноумие“, се сетил дека и новинарството, покрај просветата, уметноста, културата воопшто, науката… е важна јавна дејност, па решил на овој начин да одаде признание на „слугите на јавноста“. А, ете, некој половина век подоцна се досетил дека „тоа можеби е така, ама не мора да значи“. Имено, свеченото врачување на наградата треба да се одржи на 21 декември (роденденот на Јасмин) во Собранието на Република Северна Македонија, а досега веќе требаше да биде познат добитникот (или добитниците) на наградата. Иако не постои никакво официјално соопштение и иако од Министерството за култура (организатор на наградата) се водат по старата мудрост дека молчењето е злато (толку за транспарентноста), веќе е очигледно дека наградата годинава молчешкум ќе биде прескокната.

Ако помислувате дека поводот за овој текст е личен, бидејќи и самиот се занимавам со оваа професија, веднаш ќе одговорам: да, личен е, меѓу другото. Првенствено затоа што сметам дека единственото државно признание за новинарство и публицистика (во последните години речиси исклучиво за публицистика) може и мора да се додели. Не поради друго, туку токму поради враќањето на критериумите и системот на вредности во оваа необично важна и уште понеобично понижена професија.

На крајот на краиштата, признанието „Јасмин“ не е како другите државни награди, односно не се доделува за животно дело туку (најчесто) за остварување во текот на годината. Тоа значи дека лауреатите добиваат некој паричен износ (јас би рекол симболичен), но ги немаат привилегии за добивање национални пензии и други бенефиции, како што тоа го имаат останатите лауреати на Октомвриската и останатите највисоки македонски државни награди. Таа награда е токму тоа – признание и препознавање на нечиј труд. И ништо повеќе од тоа. А трудот, особено во публицистиката, е навистина сериозен и обемен (верувајте ми на збор, затоа и не се занимавам со публицистика).

Случајно или намерно го знам списокот на делата и кандидатите за годинашната работа. Според моите информации, вкупно се девет, а според моите (строги) критериуми барем половината од нив можеа со цело право да ја понесат оваа награда. Јас, се разбира, не сум директен учесник на конкурсот за наградата, ама во делот на субјективитетот редно би било да кажам дека индиректно сум инволвиран – како предлагач на едно од предложените публицистички дела. Но, сепак, во стартот го отфрлам секое обвинување за суета. Имено, минатата година мојата книга „Урбани топоними“ беше предложена за оваа награда, а наградата ја доби колешката Марина Костова за монографија за Милчо Манчевски. Јас, се разбира, ѝ го честитав признанието со убедување што уште ме држи – дека колешката сосема заслужено се накитила со оваа престижна награда. Ако случајно јас ја добиев наградата, исто така ќе верував дека е сосема заслужено и убеден сум дека Марина Костова од срце ќе ми честиташе, како и другите конкуренти (за жал не знам кои други кандидати лани беа во конкуренција).

Нема тука да ги споменувам сите девет годинашни кандидати затоа што мојата информација е целосно неофицијална и затоа што немам никакво одобрување да го направам тоа, барем додека не биде (ако биде) јавно објавена листата на конкурентите, ама мислам дека имам право да го споменам делото (и авторот, секако) што јас (и уште неколкумина колеги) го предложив. Станува збор за капиталниот труд на Тошо Филиповски „Македонска дискографија – винили, 1958 – 2019“. Тука нема да образложувам зошто мислев и мислам дека оваа книга ја заслужува оваа награда. На тие што знаат за што се работи не им треба образложение, а на тие што не знаат бадијала ќе им образложувам.

Некој можеби ќе го сфати овој ламент како своевиден притисок врз Одборот и институциите што во крајна линија е и целта на овој текст, иако намерата е да се анимира мислечката јавност и во овие неколку преостанати денови навистина да стисне и притисне Одборот да си ја заврши работата за која е делегиран. Зашто ниту на авторите-кандидати, а уште помалку на нивните предлагачи, нема да им недостасува ниту влакно од косата ако не биде наградата доделена. Поразот ќе биде за целото општество. Тоа ќе значи само потврда на третманот што државата го има кон новинарството и публицистиката, па ако сакате и кон демократијата. Конечно, не е првпат, а за жал нема да биде ни последен, оваа држава макотрпно и упорно да гради некаква традиција, во случајов половина век, и да ја урне со еден потег поради (најверојатно) несфатлива индолентност и неодговорност.

Наградата „Јасмин“ и досега преживувала низа премрежија, ту и се менуваше името бидејќи не беше дневно-политички подобно, ту не беа избрани одбори, ту се забораваше да се распише конкурс…, ама ваква бламажа и ваква деградација никогаш не доживеала.