Во станицата за технички преглед во која бил регистриран автобусот на „Беса транс“ во кој на 23 ноември изгореа 45 патници биле регистрирани пропусти уште во август но нинистерот Оливер Спасовски потпишал решение за затворање дури 3,5 месеци, односно- три дена по трагедијата.
Во август било констатирано дека во станицата „ВИА комерц Џемаљ“ во село Глумово „се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата“, објави вчера 360 степени.
Зошто министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја потпишал забраната за работа дури три и пол месеци подоцна и тоа веднаш по трагедијата на автобусот на „Беса транс“, прашуваат новинарите на емисијата 360 степени.
Според официјалниот записник, овластени лица од МВР спровеле надзор во станицата на компанијата „ВИА комерц Џемаљ“ на 12 август 2021 година. При надзорот, констатирани се серија неправилности поради што надлежните служби во Биро за јавна безбедност на 25 август 2021 година носат предлог за забрана за работа, со рок од 30 дена во кој станицата треба да ги отстрани пропустите.
Од увидот на лице место и во снимениот материјал за извршени технички прегледи, меѓу другото, било утврдено дека во контрола на возила во станицата учествуваат нестручни лица.
Истиот ден кога ставил потпис на решението, Спасовски на прес-конференција кажа само дека при техничкиот преглед на автобусот на „Беса транс“ не биле утврдени пропусти.







