Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински изјави дека проукраинските демонстранти кои фрлаа црвена течност врз рускиот амбасадор во Варшава, Сергеј Андреев, имале легитимни причини да бидат лути на него.
Андреев беше нападнат додека се подготвуваше да положи цвеќе во чест на паднатите војници на Црвената армија во понеделникот, кога Русија ја прослави победата над нацистичка Германија и нејзините сојузници во Европа.
„Собирот на противниците на руската агресија врз Украина, каде што секојдневно се вршат геноцидни злосторства, беше легален“, напиша Камински на Твитер. „Разбирливи се емоциите на Украинките, кои учествуваа на протестот и чии сопрузи храбро се борат да ја одбранат својата татковина“.
Министерот потврди дека полските власти ги предупредиле руските дипломати да не учествуваат во традиционалната церемонија на положување венци на Денот на победата.
Амбасадорот Андреев беше нападнат од демонстранти кои се противат на руската воена кампања во Украина. Подоцна изјави дека течноста е сируп и оти е неповреден. Москва остро го осуди инцидентот, барајќи од Полска да организира нова церемонија на положување венци и да ја гарантира безбедноста таму.
Полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау, пак, им рече на новинарите дека нападот е „во секој случај за жалење“ и „инцидент што не требаше да се случи“.
„Дипломатите уживаат посебна заштита без оглед на политиката што ја спроведуваат владите што ги претставуваат“, рече Рау.





