Вчера поднесовме кривична пријава против 10 лица за нерегуларности, односно полнење кутии на избирачко место 0816 во Зајас, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на прес-конференција.
На 21 април во периодот од 15 до 17 часот во првиот круг вкупно гласале 297 лица, односно три пати повеќе од бројот на лица кои гласале до 15 часот.
„Ова е доказ дека се полнети кутии на ова избирачко место и тоа на секои 24 секунди по 1 гласачко ливче ставано во гласачка кутија. Дополнително по завршувањето на гласањето е утврдено дека во посебниот извод од избирачкиот список за избирачко место се потпишани 412 лица, односно 4 помалку отколку што имало ливчиња во гласачката кутија. За сторено кривично дело од чл. 159 ст. 2 и чл. 161 од Кривичен Законик, Јавното обвинителство молчи или можеби Заев обвинителите ги пуштил да одмараат по дома додека трае кампањата за да може да прави што сака“, истакна портпаролот.





