Јавното обвинителство треба да оцени како ќе постапува во случајот со пронајдените пиротехнички средства во возилото на Дрин Ахмети, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.



„За конкретниот случај ние ги преземавме сите потребни активности од полициски аспект. Одземени се сите предмети кои беа најдени и е доставен поднесокот до Јавното обвинителство, кое ќе оцени за тоа како понатаму ќе се постапува во однос на целиот овој случај“, рече Спасовски вчера.

За тоа каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети, министерот рече дека тие поднеле известување до Јавното обвинителство во однос на нивните сомненија.

Вчера, од Основното јавно обвинителство рекоа дека за настанот е известен јавен обвинител и оти во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства, јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката.