Ние пензионерите треба да бидеме среќни поради тоа што пензијата ни ја покачуваат за 6 отсто оние кои претходно сами си ја покачија својата плата за дури 78 отсто. Извинете, ама ова е безобразно, некултурно, па дури и вулгарно, раскажува пензионерката Милица Колевска за Денар.мк
Ваквото покачување на пензиите во пракса би значело дека оние пензионери кои во моментов добиваат пензија од 15.000 денари, веќе од септември ќе добиваат 900 денари повеќе, односно новата пензија ќе им изнесува 15.900 денари.
Очигледно најмногу ќе се „офајдат“ оние 47 пензионери во земјава кои добиваат пензија од 60.000 денари, бидејќи нивното покачување ќе изнесува околу 3.600 денари.
-Мојата пензија изнесува 14.000 денари и таа не ми е доволна за да ги подмирам месечните трошоци за сметки и за да купам храна, а да не зборувам за лековите или за потребата да им подарам чоколадо на внучињата. Сега, новото септемвриско покачување на пензиите ќе ми донесе дополнителни 800 денари, а што можам да направам со 800 денари? Проблемот е во тоа што богатиот не му верува на сиромашниот, а на овој начин политичарите се убедени дека ни направиле некаква услуга, а всушност не ни помогнале за ништо. Да ги видам нив да преживеат со 14.000 денари во месецот. Но, лукави се тие, затоа си ги покачија платите за 78 отсто. Срамота. Тешко на народот – ни изјави 77-годишната Колевска.
Извор : https://denar.mk/290016/ekonomija/kako-reagiraat-penzionerite-na-zgolemuvanjeto-na-penziite-za-sest-otsto






