За Пановска македонскиот народ е мрсулав а Мицкоски ќе ја плати сметката

Во обид да ја фрли вината врз Христијан Мицкоски за хаосот во Македонија екс уредничката на информативната програма на МРТ во времето на Црвенковски до 1994 година вели дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има две опции.



Едната е да гласа за уставни измени а другата е уште една година до редовните избори да одбива промена на уставот по што повторно ќе биде виновен за тоа што Македонија не влегува во ЕУ иако на сите им е јасно дека причините се други.

,,На потег сега е Мицкоски, кое чедо мајка да прежали. Дали да прежали дел од неговите пратеници што нотарски му се заколнаа на верност, дури и на спремност доколку тој им намигне да гласаат за уставните измени, или да чека уште цела година до редовните избори и да ја врти онаа здодевна расипана плоча: „Не, под бугарски диктат“, пишува Ана Пановска која додава дека е доволно возрасна за да не се занесува дека од Македонија може нешто да биде ,,сѐ додека овој народ не се осмели прво втренчено да се загледа внатре во себе и сам да се преслуша дали и колку ја научил современата лекција на животот (историската лекција си ја знае напамет)”.

Во својата нова колумна крајно навредливо македонскиот народ го прикажува како мрсулав ентитет кој не знае што се случува во реалноста.

Пановска објавува дека Мицкоски премногу се затрчал и не ги слушал странците кои не ги прифаќале неговите аргументи против промена на уставот.

,,Потоа да ја крене главата, да се разврти на сите страни и да види дека подалеку од неговиот мрсулав нос постои еден реален свет на возрасни, кој се обидува да му пријде и да му го избрише носот. Ама не!

Тој инаетливо ја врти главата, цимоли како секое разгалено, побеснето дете, кое се сили дека нема што тука некој да му кажува како се брише нос.

Тоа си знае уште од дедо-прадедо дека мрсулавиот нос најлесно се брише со ракавот од облеката, де со едниот, де со другиот. Е, сега, тоа што малку ќе си го измачкаш лицето и ќе си ја извалкаш кошулата, ти е гајле.

Овде, бе, живеат мажишта, а не некои белосветски, фенирани типчиња, со измазнети фаци и миризливи марамчиња за бришење нос или пот. Како потреба за нас може да послужи само за бришење нос.

За пот баш и не ни треба, зашто како народ никогаш и не сме запнале толку за да се препотиме од многу работа, па да ни треба марамче за бришење пот. Но, мислам дека такво марамче наскоро ќе му треба на ВМРО-ДПМНЕ, не од работа, се разбира, туку од прикриен зорт.

Колку и да се прават „кул“ на сите овие убедувања од страна на високите претставници од европските земји и од Америка за уставните промени, набргу ќе го видиме слевањето на потта по нивните чела и образи. Премногу се затрчаа.

Му раскажуваат на странскиот фактор приказни, дури и го подучуваат како попрецизно да го разберат криминалниот и коруптивниот карактер на оваа власт и нејзиното безочно грабање, дрпање од народот за себе лично. А овие ги гледаат бледо”, пишува Пановска во својата колумна за Фокус.