За Османи, во МНТ немало ништо повеќе од гласно славење?!

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи ја минимизира штетата од „перформансот“ на навивачката група „Шверцери“ во Македонски народен театар.



„Мислам дека се крева премногу врева. Можеби не е најсоодветно место за одбележување на таков настан, меѓутоа од телевизиските извештаи не видовме дека има некакво си демолирање за да се предизвика толкава врева во јавноста. Треба да се провери. Генерално, тоа што го видов е дека имаше повеќе гласно навивање во еден несоодветно избран простор и ништо повеќе од тоа“, прокоментира Османи во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

„Не треба од секоја ситуација да се обидеме да создадеме предуслови за некаква си дебата која може да повлече меѓуетнички тензии. Ако навистина немало демолирање, како што видовме во извештаите, туку имало само гласно славење, треба само да констатираме дека можеби не било најсреќно решение за таква прослава и да се научи лекцијата можеби за следниот јубилеј. Ништо повеќе од тоа“, додаде потпретседателот на Владата.

„Се разбира, доколку и имало говор на омраза, доколку имало демолирање, треба да се види дали организаторот ги презел сите превентивни мерки. Меѓутоа, пак ќе кажам, да не прејудицираме, бидејќи, од тоа што го видовме во телевизиските извештаи, навистина немаше ништо повеќе од гласно славење“, останува на ставот Османи.