За Османи не е спорно што Бесмира Ејупи работи во МНР

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска потврди дека водителката Бесмира Ејупи е вработена во Министерството за надворешни работи (МНР). Османи вели дека таа не е кандидат за конзул.



Тој призна дека од Министерството за политички систем се преземени вкупно 13 соработници, вклучувајќи ја и тв-презентерката Ејупи.

„Точна е информацијата, но Ејупи е поставена на позиција соработник во протокол и тоа е почетна позиција во МВР. За да бидете назначени на таква позиција воопшто не ви ни треба си-ви. Такво нешто ви е потребно доколку напредувате од почетната позиција. Во моментов имаме оглас за 16 нови соработници, па кој сака да работи во дипломатијата може слободно да се пријави“, рече Османи.

Османи рече дека е сосема случајно и дека не гледа никаков проблем зошто посоченото лице не би требало да се вработи во МНР.

Но, водителката добивала хонорари од повеќе институции и тоа високи суми поради што се крена прашина во јавноста.

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска од министерот Бујар Османи побара да ја информира јавноста дали 28-годишната Бесмира Ејупи, по вокација ТВ-презентерка, е вработена во македонското МНР.