За најголемата армија во светот планирани 225 милијарди долари

Пекинг планира да потроши 225 милијарди долари за одбрана, а како и претходните години не беа презентирани никакви детали, туку само вкупната сума и стапката на пораст од 7,2 насто на буџетот за одбрана.



Премиерот Ли Кечијанг на почетокот на годишната седница на парламентот истовремено побара да се зајакне борбената готовност на вооружените силите.

Зборувајќи за вооружените сили, Ли рече дека треба да посветат поголемо внимание на обуката во борбени услови и да ја зголемат борбената готовност.

„Нашите вооружени сили, фокусирани на прославата на стогодишнината од Народноослободителната армија во 2027 година, треба да се подготват за воени операции и да ја зајакнат борбената готовност“, рече тој, пренесе Ројтерс.

Кина ја има најголемата војска во светот и нејзиниот развој и стратешките намери на Пекинг се причина за загриженост во регионот и во Вашингтон.

Пекинг редовно тврди дека издвојува релативно низок процент од својот бруто домашен производ (БДП) за војската и одбраната и дека критичарите сакаат да ја прогласат Кина за закана за светскиот мир.

Кина постави ниска цел од пет проценти за овогодинешниот економски раст, се наведува во владиниот извештај објавен во пресрет на парламентарната седница.