За Мерко постои сомеж за 30 кривични дела

Откако САД го стави Рамиз Мерко на црна листа, органите на прогонот, судството и обвинителството се растрчаа. Од вкупно 30 заведени предмети од кои најстарите датираат од 2006-та година, во моментов против недопирливиот Мерко но и против Општина Струга за периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник, се водат 15 предмети, објави Алфа.



Комисија на јавното обвинителство изврши вонреден инспекциски надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Десет од предметите се однесуваат на период од 2019 до 2023 година.

  • Основното јавно обвинителство Струга води 4 предмети против Рамиз Мерко оформени од почетокот на годинава, а постапува и во 2 други предмети од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга.Јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето за уште 4 предмети –два од 2019-та и 2 од 2022 година – стои во извештајот.

За случајот Мерко, полни раце работа има и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое постапува по 5 предмети, меѓу нив е оној со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија.

Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека во сите активни предмети против Рамиз Мерко ќе бидат преземени неопходните дејствија и ќе бидат испитани сите околности, а евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон. Од Судскиот совет пак чии членови пред половина месец извршија контрола на работењето на струшкиот основен суд во однос на наводите од Стејт департментот дека струшкиот градоначалник наводно вршел политички притисоци за донесивање на некои судски одлуки, велат дека се подготувал извештајот кој бил во завршна фаза – пренесе Алфа.