Кај голем дел историчари нормално е во одреден период од професионалната кариера да се појават одредени сомнежи и недоумици околу одредени историски личности, настани и процеси. Причините за овој навидум исклучителен „феномен“ можат да бидат многубројни. Појава на нови историски извори и документи, развој на различни историски правци, модерен пристап и интердисциплинарноста со другите сродни науки на историската, се само дел од факторите кои може да влијаат на овој „феномен“. Сепак, влијанието на државата, пред сè националната нарација, политиката и нивото на образование во голема мера може да имаат улога во научниот криволиниски пат на еден дел од историчарите.
Што се однесува на образованието, она високото кое што го стекнуваат историчарите, не само во Р. Македонија, туку општо земено на Балканот, па и пошироко, се базира на етноцентрични погледи поврзани со историјата на територијата на која е создадена една нација-држави и териториите кон кои истите претендираат, а се дел од други државни територии.
Ова последното се должи првенствено на фактот што денешните државни граници во минатото или не постоеле, т.е. нивните територии биле дел од други држави (империи) или, пак, во текот на историјата границите на нациите-држави се менувале. Ако тргнеме од теоријата дека „историчарите ја создаваат нацијата“, тогаш јасно произлегува дека една од нивните главни улоги според вака поставената девиза е дека тие треба во текот на нивното образование да се спремаат за „национални радници“.
И навистина, додека студиравме се провлекуваше чувството дека не спремаат за „национални радници“ наместо како студенти да не насочат да ја разбереме и доживееме историјата како наука. Претставувана ни беше историјата на Македонија низ една етнонационална призма, наместо методолошки да нè воведат во тајните на историската наука, да ја разбереме мултидимензионалноста на македонската територија и да ни биде соодветно и научно објаснато историското време во кое се случувале одредени настани и процеси, нас ни беше доловувана историјата низ разбирањето на сегашноста. И пак ќе потенцирам, ова не е македонски феномен, односно е пракса која се употребува и во нашето најблиско опкружување.
Со ваквата поставеност проблемите настануваат по завршувањето на формалното образование. Љубовта кон историјата го тера историчарот да го надоградува своето знаење, при што се соочува со т.н. забранета историја. Имено, недоволно подготвени во текот на формалното образование историчарот често се судира со проблеми за кои може тешко да даде логично објаснување. Следува процес на самопреиспитување, разочарување, но и желба за понатамошна надоградба.
Тенденција на секој историчар е да тежнее кон историската објективност, која за жал, да бидеме реални, колку и да се труди еден научник да ја постигне, истата во целост е тешко остварлива.
Во оваа група за жал бев и јас. Токму во периодот кога како тогашен млад историчар запливував во водите науката, се соочив со историја која не ни беше соодветно објасната во факултетските клупи.
Потесниот интерес на моето научно доусовршување, покрај останатото, беше и појавата и развојот на македонското националноослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Разбирливо почнав да читам извори (документи, мемоари, дневници, извештаи, итн.), но и литература, пред сè балканска, во која историјата на Македонија од овој период се претставува различно од она што нас не учеа.
Секако најголем проблем беше бугарската историографија и како таа го поимаше и разбираше овој период. Тешко сфатливи за мене беа поимите „Бугарин“, „бугарско“ и слично. Почнав детално да истражувам, но и да дискутирам со колегите кои беа специјалисти по оваа проблематика.
Добро се сеќавам на еден совет од мојата менторка, која ми пренесе една реченица на еден поранешен македонски академик: „Периодот на македонското националноослободително движење не е броењето и пребројувањето на тоа кој колку пати се кажал Бугарин или Македонец, ако тргнеме по тој пат, на што не наведуваат Бугарите, тогаш биди сигурен дека газиме по тенок слој на мраз“.
Тогаш сфатив дека треба да седнам, да седнам и убаво да го „загреам столчето“, т.е да се втурнам во суштината на вистинската проблематика на „македонското прашање“.
Почнав со интередисциплинарните науки, со антропологијата, социологијата, со теориите за етницитет и национализам, за појавата и развојот на нациите, преминав кон детелно проучување на доцноосмалиското владеење на Балканот, со општествената, административната, социјалната, економската, даночната и воена политика на Империјата.
Со анационалната поставеност на османлиската држава (доволен е фактот што доминантната турска етничка група формално не создала своја нација во Империјата, туку неколку години подоцна, за време на Кемал Ататурк). Со социјалната, културната, јазичната, економската и образовната структура на населението во османлиска Македонија.
Со проучување на милет системот. Со интересите кон оваа територија и население на веќе формираните балкански нации-држави, но и со интересите на Големите сили. Едноставно за да се сфатеше т.н. Македонско прашање од доцноосманлискиот период требаше да се разберат многу настани и процеси што го карактеризираа овој период, но и како историчар целосно да се пренесеш во тоа време. Оттука, во последниот период зачудува појавата на одредени историчари во Р. Македонија чија потесна област на работа е неколку века поназад од овој период да даваат толку лесно свои видувања, базирани пред сè од лични или други побуди.
Во суштината на овој проблем е кој ја имал моќта да именува, поради кои причини и цели го правел тоа, значењето и трансформацијата на терминот „Бугарин“ во овој период.
Дали тој имал расно (словенско) значење; дали го имал значењето на општествена стратификација и во кои случаеви; дали, кога и во кои примери означувал припадност кон милет системот, но и кога имал значење на етничка идентификација и кои биле причините за тоа.
Колкаво и какво било влијанието на инпутирањето на национализам однадвор на територијата на османлиска Македонија. На крај, ако се земе дека и етничкиот, а потоа и националниот идентитет се мултидимензионални категории, за чие обликување потребни се мноштво на маркери, тогаш е јасна тенденциозноста во исклучителното користење само на еден од нив во категоризацијата на едно население. Уште повеќе што македонскиот Словен во овој период на еден или друг начин, поради една или друга околност, во својот животен век бил присилен многу често да го менува или да му го менуваат неговото именување.
(ПРОДОЛЖУВА)





