
Ганка Цветанова
Иако живееме во ерата на т.н. гарантирани човекови права и слободи, правото на самоопределување на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик се жестоко оспорувани. Негаторите на посебноста на македонскиот народ се повикуваат на тезата дека македонскиот јазик е вештачки, измислен со одлука на АСНОМ во 1944. Да повторам, поимите кои се употребуваат во политичката терминологија, колку што се цел, толку можат да бидат и инструмент на идеолошки и политички манипулации.
Па така, да се поистовети чинот на кодификација на современиот македонски стандарден/литературен јазик со тезата дека македонскиот јазик е создаден вештачки и нема свој историски континуитет, претставува груба политичка манипулација која е во спротивност со фактичката вистина.
Онака како и „намерното“ неправење разлика помеѓу говорниот јазик на еден народ (живата реч, локалните наречјa, дијалектите) и стандардизираниот, кодифициран јазик.
Во лингвистиката, под поимот кодификацијата се подразбира процес на созревање на една општествена и институционална конвенција во врска со стандардизацијата на јазичната пракса. Тој процес вклучува избор, развој и утврдување на граматички начела и модел за употреба на стандардизиран јазик, при што како основа се зема(ат) еден или повеќе дијалекти од говорниот јазик на народот.
Историјата на создавањето на речиси сите европски литературни јазици ја следи токму оваа методологија. Па така, литературниот бугарски јазик е заснован врз источните бугарски дијалекти, литературниот украински – врз неколку југоисточни дијалекти, литературниот унгарски почива на комбинација од повеќе дијалекти, и т.н. Изборот на дијалект/дијалекти е прашање на договор (конвенција) кој вклучува не само лингвистички, туку у политички елементи.
Самиот чин на кодифицирање на јазикот е политички во онаа во смисла во којашто е политички и чинот на донесување (парламентарна) одлука за тоа: формирање јазични комисии и соодветни државни тела за спроведување на целокупниот процес.
Во процесот на кодификација на јазикот спаѓа развивање на системот за пишување (азбука, писмо), поставување на нормативни правила за граматика, правопис, изговор, употреба на вокабуларот, како и објавување на книги за граматика, речници и слични упатства. Ниту еден стандарден јазик (на една држава) во светот не се појавил спонтано, туку како резултат на јазичната зрелост и на политичката волја на државата.
Во таа смисла, социолингвистите велат дека сите литературни јазици се полувештачки конструкции. Создавањето на единствен, стандардизиран јазик е потребно за да се обезбеди употреба на унифициран јазик на целата територија на државата, за да се постигне поголема хомогеност на населението а, често пати и да се легитимира новиот внатрешен политички поредок.
Така на пример, по распадот на Отоманската Империја и создавањето на турската држава, со одлука на Мустафа Кемал Ататурк, од турскиот јазик биле отстранети странските зборови, особено оние од исламските или ориенталните јазици и заменети со зборови од европско потекло.
Во ноември 1928 арапското писмо е заменето со латинично како симбол на модернизација на турската држава и европеизација на турската нација.
Кога Грција станала независна држава во 1827, креаторите на новата нација направиле обид древниот старогрчки јазик да го наметнат како официјален јазик, со цел симболично, но и директно, новосоздадената држава да се прикаже како продолжување на славната Антика. Меѓутоа, постоеле два јазика: древниот но „мртов“ старогрчки (коине), и оној „говорниот“ – јазикот што го говорел народот (димотике). Во 1830 древниот јазик бил целосно потиснат и збришан од страна на јазикот на народот – оној што Грците го говорат и денес.
Исто така, и Вук Караџиќ (1787-1864), голем реформатор и вистински основач на современиот српски јазик, несомнено имал право кога им се спротивставил на раните обиди за креирање на литературен јазик од црковно-словенскиот и пристапил кон стандардизирање на јазикот на основа на дијалектот кој го говорел српскиот народ.

По создавањето на четирите независни и самостојни држави, постоењето на еден за Србите, Црногорците, Хрватите и Босанците, заеднички и во лингвистички поглед ист јазик, не претставуваше пречка за конструкција на четири посебни национални идиоми.
Како последен од нив се издвои црногорскиот јазик, чија стандардизирана верзија е официјално предложена во 2009 а јазикот е меѓународно признат во 2017.
Првите размислувања за создавање на еден наддијалектен стандарден литературен јазик на територијата на Македонија се јавуваат во 50-тите и 60-тите години на 19 век, период кога започнува да се развива свеста за посебноста на јазикот што го говорел народот. Набргу потоа се отвораат дискусии за јазичното прашање, се пишуваат првите споредбени и историски јазични студии, па дури се прават и обиди за пишување граматика на македонските говори. Во овој период, кога македонска самосвест не била до крај издиференцирана а бугарскиот јазик сè уште не бил стандардизиран, доаѓа до различни ставови во однос на прашањето за создавање на единствена форма на писмен и наставен јазик.

Блаже Конески истакнува дека едното гледиште, што прв го формулира Партениј Зографски (1857), било создавање на заеднички писмен и книжевен јазик за бугарското и за македонското население, во кој подеднакво би биле застапени како бугарските, така и македонските јазични особености. Ова гледиште на Зографски било веднаш отфрлено од страна на бугарските преродбеници Петко Славејков и Марин Дринов. „Другото гледиште е на т.н. „македонисти“, што истакнуваа дека Македонците, како посебен народ, треба да изградат свој посебен литературен јазик. Укажувајќи на начинот како да се постигне тоа, Ѓорѓи Пулевски во својот „Речник од три језика (1875) предлага да се соберат од сите краишта „људи чесни“, па да состават македонска граматика што после ќе биде како света книга „за сиве шкољи, а и за други книги писање“ – ќе напише Конески.
На 12 ноември 1902 година, Македонското научно-литературно другарство формирано од македонските студенти во Санкт Петербург, испраќа Меморандум до руската влада во кој за првпат сеопфатно го елаборира прашањата за потребата од издигнување на македонскиот јазик на степен на литературен за сите Македонци.
Во Меморандум се повикуваат на етнографско и јазично единство во Македонија, бараат отстранување на српската и на бугарската пропаганда и воспитување на Македонците во духот на нивниот роден јазик.
Првиот сериозен и научно аргументиран обид за стандардизирање на македонскиот јазик е објавен во книгата „За македонцките работи“ (1903) од Крсте Петков Мисирков. Во последната статија „Неколку збора за македонцкиот литературен јазик“ тој укажува на потребата од забрзан развој на македонскиот литературен јазик и неговото издвојување како посебен јазик меѓу јужнословенски јазици.

Мисирков прави нормирање на јазикот врз следните три начела:
1. За основа на литературниот јазик да се земат централните македонски говори; 2. Да се воведе фонетски правопис; и
3. Да се збогатува речникот со зборови од сите македонски говори/наречја.
Со ова, Мисирков ги поставил темелите на современиот македонски јазик, а неговата кодификација е финализирала во мај 1945, кога се создадени неопходните законски и институционални претпоставки во рамки на македонската држава, како дел од југословенската федерација.
Создавањето на македонскиот современ, литературен јазик се одвивало во согласност со методологијата на создавањето на останатите европски литературни јазици, при тоа поминувајќи низ сите неопходни инстуитуционални фази во својот историски развој.
Свесен дека во јазикот, вклучително и македонскиот, е содржано целокупното постоење и колективната меморија на народот, Мисирков ќе напише:
„Не случајно покорителите инсистираат покорените да се откажат од својот јазик, бидејќи да се откаже човек од својот народен јазик, значи да се откаже и од својот народен дух. Да се откаже од својата народност и својата припадност“.
Оттука, експлицитното барање на нашиот источен сосед да ја прифатиме тезата дека македонскиот јазик е измислен во 1944 со одлука на АСНОМ, би значело имплицитно да се откажеме од самите себе и од нашата македонска припадност.





