За македонската држава и нација – пишува Ганка Цветанова

Поимите кои се употребуваат во политичката терминологија, колку што се цел, толку можат да бидат и инструмент на идеолошки и политички поделби и манипулации.



Оттука, (зло)употребата на поимот „вештачка“ или „измислена со АСНОМ нација“ во контекст на македонската, воопшто не е плод на случајност и истата претставува груба манипулација во чија вистинитост можат да поверуваат само оние кои немаат елементарно теориско познавања за начинот на создавањето и градењето на нацијата.

За разлика од етничката група – која најчесто се дефинира со терминот заедничко потекло или наследници на една историска и културна заедница – нацијата претставува посебна форма на политички организирана заедница (политичка единица) и, во споредба со постарите форми на колективитет, е во тесна корелација со модерната држава.

Имено, преку развивање на национален политички проект, државата е таа што ја отелотворува нацијата. Државата – преку политичките и државните институции – не само што ѝ дава тело и општествен систем на нацијата, туку ја воведува и во историскиот континуум.

Најеклатантен примери за значењето на врската помеѓу нацијата и државата е формирањето на израелската држава во 1948. Еден цел милениум историјата на еврејскиот народ беше испишана со прогони, масакри, преселби и талкање по светот.

Оттука, свесни за трагедиите и колективната судбина на нивниот народ, тие започнуваат да размислуваат за создавање на еврејска држава како единствен можен начин за опстанок во современиот свет. Теодор Херцл, таткото на ционизмот (секуларно-еврејски национализам во чија основа е создавањето на еврејската држава), во 1896 година го објавува делото „Државата на Евреите“ каде што во ниту еден момент не го одвојува размислувањето за нацијата од градењето држава.

За него, единствено државата би можела да ја заштити и да ѝ обезбеди егзистенција на еврејската нација. И Давид Бен-Гурион, првиот премиер и министер за одбрана на Израел, бил буквално опседнат со помислата дека заедничката држава му е неопходно нужна на еврејскиот народ. Сиот свој живот го посветил на основање на израелската држава и градењето на државните институции и затоа, не случајно, е прогласен за „татко на нацијата“.

Да се вратиме на нашите простори и историски случувања. Народите во централна Европа, особено оние на Балканот како поданици на Отоманската империја, со векови биле покорувани и преселувани во зависност од победите и поразите на војските, а со тоа и промената на границите. Оттука, создавањето на нациите и државите на Балканот се одвивало со различна динамика во различни временски периоди. Кај некои порано, кај други, пак, подоцна.

Кон крајот на 19 век, македонската интелигенција, немајќи можност да се школува во сопствената татковина, заминува во Србија каде набргу станува предмет на жестока пропаганда. Не сакајќи да подлегнат на притисокот, тие го напуштаат Белград и заминуваат во Софија. Крсте П. Мисирков, кој во своите публицистички дела себеси се нарекува „македонски сепаратист“ е еден од учениците кои од Белград заминале за Софија.

Во книгата „За македонските работи“ (1903) во поглавјето со наслов „Националниот сепаратизам“, тој пишува за почетоците на македонската мисла за обединување посочувајќи дека токму групата ученици и студенти Македонци, кои се префрлиле од Белград во Софија во 1889, се душата на национално-сепаратистичко движење за Македонија: „Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија помеѓу тие две држави.

По нивна иницијатива во почетокот на деведесеттите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен за сите Македонци.

Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегнаа од Белград во Софија се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија. Видните Македонци револуционери-сепаратисти, како Делчев, беа ученици на првото поколение Македонци – ученици српски и бугарски. Исто така и Сарафов“ – ќе напише Мисирков.

За Мисирков, Македонија од секогаш преставувала посебна етнографска единица. Оттука, во посебноста на македонската култура, тој го гледа изворот на политичката легитимност и правото на самоопределување на македонскиот народ.

Во 1924 во статијата „Македонска култура“ објавена во списанието „Мир“ ќе напише: „Велам, за среќа, има македонска национална култура и историја, зошто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човекови права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.“ Мисирков ќе истакне дека самостојното политичко развивање на Македонија е „неопходност“, свесен дека единствено преку постоењето на самостојна политичка единица (македонска држава) македонскиот народ може да биде заштитен и да опстане, вклучително и неговите културни специфики.

Една година пред неговата смрт, во 1925, несреќен затоа што Македонија сè уште се нема изборено за својот самостоен политички статус, во статијата „Македонски национализам“ објавена во списанието „Мир“ во Софија, Мисирков ќе ѝ се обрати на македонската интелигенција: „Ние, македонската интелигенција, без сомнение ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина. Меѓутоа, има околности што ја намалуваат нашата вина, нè оправдуваат пред нашите несреќни сонародници, особено пред оние што прокудени од своите родни огништа се принудени денеска немили и недраги да скитаат низ разните краишта во Бугарија“.

Конечно, со одлуката на АСНОМ во 1944, беа поставени темелите на македонската држава и е остварено правото на самоопределување на македонскиот народ.

Со формирањето на македонските државни институции, пак, беа создадени услови за кодификација на македонскиот литературен јазик, развој на македонската книжевност, уметности, образование, наука и култура. Непобитен факт е дека голем дел од македонските партизани во 1944 се изјасниле за сопствена, независна македонска држава а не за заедничка држава со другите југословенски народи.

Сепак, како резултат на тогашните меѓународни констелации, македонската држава влегува во склоп на југословенската федерација што, од друга страна, не го намалува значењето на нејзиното конституирање. Напротив, создадени се претпоставки за остварување на вековниот стремеж за независна македонска држава, што конечно се реализираше во 1991 со прогласување на независноста и самостојноста на Република Македонија.

На тврдењето дека создавањето на македонската држава на крајот на Втората светска војна е политички проект на Комунистичката интернационала и југословенските комунисти и претставува вештачка творба, дозволете ми да ја парафразирам Доминик Шнапер која вели дека чувството на припадност или некоја колективна идеја не се раѓа од една одлука, колку и да е пожелна или разумна. Чувството на припадност може да биде производ единствено на една долга заедничка историја. Таа е категорична кога тврди дека колективниот идентитет е невозможно да се изгради поаѓајќи од една табула раза. Па така и создавањето на македонската нација не би било возможно да се изгради поаѓајќи од една табула раза. Македонската нација – отелотворена преку македонската држава а внесена во историскиот континуум преку државните и националните институции – е резултат на чувството на припадност, долгата заедничка историја на македонскиот народ и неговите вековните заложби за самостојна и независна држава.