Од 38 милиони евра што итно ќе бидат доделени како помош за Западниот Балкан за справување со здравствената криза, Македонија ќе добие 4 милиони, јави МИА.
Албанија исто така ќе добие четири милиони евра, Босна и Херцеговина седум милиони евра, Црна Гора три милиони, Косово пет, а 15 милиони евра се наменети за Србија, каде штетата за сега е најголема, оценуваат од Европската Комисија.
Брисел ќе ги вклучи земјите од регионот и во ЕУ иницијативи како заеднички шеми за јавни набавки за заштитна опрема, на пример како забрзување на проект со Европскиот центар за контрола и спречување на болести. Овој проект начелно требал да започне во 2021 и се однесува на зголемување на капацитетите за контрола на заразни болести, подобрување на способностите на медицинската итна помош како и развој на јавните микробиолошки лаборатории.
Останатите средства доаѓаат од претпристапниот инструмент познат како “ИПА фондови“, од каде ќе се пренасочат 62 милиони евра за Северна Македонија за ублажување на економските последици од кризата, зголемување на социјалната заштита, поддршка за приватниот сектор и зајакнување на јавното здравство.
Со ова вкупната помош за нашата земја изнесува 66 милиони евра.
Србија ќе добие 78,4 милиони евра, Албанија 46,7, Босна 73,5, Црна Гора 50 милиони, а Косово ќе добие 63 милиони евра





