За Ковачевски границите на Балканот се глупост

„Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои меѓу себе единствени немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници… на нас не ни требаат граници.



Јас западниот Балкан го замислувам како регион без граници, интегриран во ЕУ“, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање на заедничката прес конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ во Белград.

Во присуство на Брнабиќ и Ковачевски денеска во Белград беа потпишани три меморандуми за разбирање кои се очекува да ја подобрат соработката меѓу владите на двете земји. Документите што беа потпишани се во насока на натамошно приближување на двете држави, економии и народи, а кои произлегуваат од потпишаните договори за Отворен Балкан.

Ресорните министри од двете држави потпишаа: 

Меморандум за разбирање за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница,

Меморандум за разбирање – проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и

Меморандум за соработка во рударството и енергетиката.