За колку поскапе каматата на кредитите во февруари?!

Ако досега беше срамежливо, сега веќе навистина можеме да зборуваме за сериозно зголемени каматни стапки и скапи кредити. Народна банка на Македонија јави за последните движења кај каматните стапки, податоци кои се однесуваат заклучно со февруари оваа година. 



Тие пподатоци говорат дека во просек, граѓаните и компаниите за земените кредити требало да платат камата од 5 отсто годишно, што значи дека веќе пробива психолошката граница од 5 отсто, иако тоа беше речиси идентично и еден месец претходно, кога каматите на вкупните кредити беа на ниво од 4,98 отсто.

Но, ако направиме споредба со февруарти минатата година, можеме да забележиме дека тогаш каматите на вкупните кредити биле на ниво од 4,33 отсто, што значи дека за една година имаме поскапување на вкупните кредити од 0,67 процентни поени, анализира Фактор.

Треба да се истакне и дека граѓаните плаќаат поскапи банкарски кредити од оние на компаниите. Па така, во февруари домаќинствата плаќале каматни стапки од 5,34 отсто на сите кредити, додека, пак, за бизнис секторот каматните стапки биле 4,63 проценти. 

Кога станува збор за новоодобрените кредити, пак, тие достигнале уште повисоки каматни стапки во февруари, и тоа 5,2 отсто. 

Како што е познато, Народна банка пред неколку дена ја зголеми уште еднаш основната камата, и тоа донесувајќи ја дури до 5,5 отсто, а како причина, покрај високата инфлација, ја наведоа и загриженоста околу најновите случувања со пропаста на американски банки, како и несигурноста која се почувствува на европското банкарско тло. 

За новоодобрените кредити домаќинствата имаат малку пониски камати, и тоа 5,18 отсто, додека, пак, за компаниите, каматите на новоодобрените кредити се 5,22 проценти. 

Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во февруари 2023 година, бележи месечно и годишно зголемување од 0,02 п.п. и 0,67 п.п., соодветно и изнесува 5,00 отсто“, се вели во соопштението од НБМ.

А, покрај тоа што кредитите стануваат се поскапи, станува и малку поисплатливо да се штеди.