Само неколку дена по најавата на финансиерот на вардаровото ракометно чудо Сергеј Самсоненко дека од следната сезона повеќе нема да биде спонзор на клубот, македонскиот првак оствари голема предност од 31:23 над ПИК Сегед во четвртфиналето на Лига на шампиони.



За доближувањето до трет настап во низа на завршниот турнир во Келн е заслужен фуриозниот финиш, во кој од 23:21 европскиот шампион од 2017 година во последните десет минути дојде до плус осум пред реваншот на 5 мај во Унгарија.

„Бомбата“ на Даинис Криштопанс од 10 метри во последната секунда го заокружи ракометниот спектакл во преполниот СЦ „Јане Сандански“, за ерупција од одушевување на трибините. Таа беше и награда за френетичната поддршка од вардаропвите навивачи во текот на целиот меч, во кој на полувреме домаќинот водеше со 14:12.

Криштопанс и Игор Карачиќ со идентичен ефект 8/12 беа први виолини во „оркестарот“ на Роберто Парондо, а Сташ Скубе заврши со беспрекорна реализација од шест обиди. Тимур Дибиров постигна четири гола, Рожерио Мораеш три, а Сергеј Горбок и Иван Чупиќ по еден.