За хулиганство приведен кандидат за претседател на Бугарија

Бојан Расате еден од кандидатите за претседател на Бугарија, бил приведен синоќа по гостување на националната телевизија.



Тој е осомничен за напад на ЛГБТИ клубот „Рејнбоу Хаб“ во Софија и ќе биде обвинет за хулиганство со посебна дрскост во соучесништво со други лица, изјави портпаролот на главниот обвинител на Сијка Милева.

Во понеделникот, главниот бугарски обвинител, Иван Гешев, побара да му се укине имунитетот на Расате како претседателски кандидат, јавува МИА.

Министерството за внатрешни работи на Бугарија соопшти дека за случајот Бојан Расате е поведена предистражна постапка, на која работата продолжува истражител во градското обвинителство на Софија. За делото што го извршил Расате може да добие затворска казна до пет години.

Единаесет амбасади во Софија на САД, Австралија, Белгија, Данска, Шпанија, Канада, Холандија, Обединетото Кралство, Португалија, Република Ирска и Франција остро го осудија нападот врз невладината организација. ЛГБТИ правата се основни човекови права и ги повикуваме сите Бугари да го отфрлат насилството и нетрпеливоста за кои нема место во ниту едно демократско општество, се вели во ставот на амбасадорите на 11-те земји.

Расате е лидер на ултимативната националистичка организација Бугарски национален сојуз – Нова демократија.