За довербата во францускиот предлог и наивноста на оние кои веруваат во него

Протестите во македонскиот главен град против таканаречениот француски предлог, кој треба да ги одблокира пристапните преговори на земјата за членство во ЕУ, влегоа во втора недела. Демонстрантите не само што не се откажуваат, туку и добиваат на бројност и мобилност. Веќе поставија шатори пред Собранието за да бидат цело време присутни додека предлогот не биде отфрлен. И нивната креативност не е спорна, ако се суди по перфомансот со француска гилотина на која беше испишано „Француски предлог“, што може да се толкува на два начина: како обезглавување на македонската држава и нација доколку предлогот биде прифатен, но можеби и како алтернативен став: гилотина го чека оној што ќе потпише и ќе го прифати францускиот предлог – пишува Ненад Живановски.



Дали некој уште се сеќава дека одамна, на 21 јуни 2003 година, ЕУ одржа Самит за Западен Балкан во Солун? Таму и тогаш земјите од Западен Балкан добија јасна перспектива дека се идни членки на ЕУ. Меѓу другото, во Солун се разговараше и за датумот на оваа голема експанзија: прво беше закажана за 2014 година, за 100 годишнината од почетокот на Првата светска војна, како симболично потсетување дека во овие области започна голема војна. Колективното членство потоа беше продолжено за четири години, за 2018 година – за стогодишнината од крајот на Првата светска војна.

Од самитот во Солун се одржаа уште десетина самити за Западен Балкан, но за чудо, никој не се запраша зошто планираното проширување во Солун во 2003 година не се исполни ниту во 2014 ниту во 2018 година. Со такво искуство зад себе, на 110-годишнината од почетокот на Првата светска војна, во 2024 година, пореално е да се очекува дека ќе избие нова светска војна отколку дека Македонија некогаш ќе стане членка на ЕУ.

Од каде тогаш таа еуфорија на македонската влада дека, по промената на името, Македонија со прифаќање на францускиот предлог ќе влезе во сигурна процедура за полноправно членство?

Земајќи ги предвид досегашните искуства на Македонија со сите одлуки на Советот на министри на ЕУ, оваа мала балканска земја се наоѓа во бизарна политичка ситуација, да оди на пазар да тргува, а притоа да инвестира нешто (претходно го смени името на државата, а сега и другите национални и државни атрибути на суверенитетот), за да добие нешто друго – членство во ЕУ.

Секој трговец ќе ви каже дека тоа е нереална трговија, каде што нешто продавате и не добивате ништо за возврат, освен ветување дека еден ден можеби ќе ви биде платено тоа што сте го продале.

Така резонира обичен трговец. Но, дали во македонската влада има кост-бенефит анализа која би покажала дека со промена на името и сегашното прифаќање на францускиот предлог, државата ќе добие и ќе биде платена за тоа што го продаде – сигурен влез во ЕУ? А што ако завршната сметка покаже дека ќе бидат во загуба – можеби ќе почнат преговори, но без гаранција за влез? А името е веќе сменето, националните и државните атрибути на суверенитет се дискредитирани или укинати. А враќање назад нема.

Дури и најповршна анализа на методологијата на управување и држење во покорност на државите во регионот од страна на западните дипломати и ЕУ бирократите покажува дека таквиот исход е сосема реален. Пред државите се поставуваат невозможни барања, кои навлегуваат во нивниот суверенитет и од нив се бара да преговараат и да прават компромиси, иако се тоа работи за кои ниту една држава што држи до себе не би преговарала. Токму тоа му го прави Западот на Западен Балкан во изминатите триесет години: прво, Македонија мораше да преговара и да го смени името на државата, а сега треба да се обезличи со францускиот предлог. Србија да преговара и да се откаже од својата територија во дел од Косово, а во Босна се бара од (српскиот) ентитет да се откаже од правата што му припаѓаат според Дејтонскиот договор, под изговор за градење на некаков имагинарен граѓански концепт на државата, што всушност претставува мајоризација на муслиманите врз Србите и Хрватите. И сето тоа треба да се направи доброволно.

Со такви непристојни барања за компромис, Западот добива пет во едно:

1. Ви дава лажна надеж за членство во ЕУ.
2. Западен Балкан се симнува од дневниот ред на подолго време.
3. Не мора јасно да ви каже дека нема намера да ве прими во нивниот клуб.
4. Сето тоа време може комфорно да владее со регионот.
5. Не ви дава да барате алтернативни перепсктиви откако ќе ви стане јасно дека понудата за членство е само фиктивна. Народски кажано, угоре високо, удолу длабоко.

Целиот текст на следниот линк:
https://off.net.mk/vesti/makedonija/vo-dobronamernosta-na-francuskiot-predlog-ne-bi-poveruvala-ni-francuska-sobarka