Штелувањето на фамозниот „балансер“ (дигитална алатка на Министерството за информатичко општество и администрација што пресметува колкава треба да биде квотата за правична застапеност во одредена институција) и со кој се врши распределбата на планираните нови вработувања во институциите на јавниот сектор, не престанува да ги инспирира критичарите на овој механизам и да им создава главоболки на властите, пишува „Нова Македонија“.
(…)
Луѓето ја менуваат својата национална припадност за да се вработат во јавниот сектор, туку тоа што, поради политичките констелации, се принудени на таков чекор за да си обезбедат егзистенција.
„Тоа е клучот што ја расипува целата брава. Самото тоа што во огласите за вработување се наведува дека апликантот треба да биде припадник на одредена националност е повреда на Уставот и никој нема право да го бара тоа. Со тоа им се нанесува голема штета и на граѓаните, кои само поради погрешната национална припадност, автоматски се елиминираат од постапката за вработување, но и на државата, која поради тоа сега има прекубројна но неспособна администрација“, објаснува пензионираниот професор по трудово право Димко Миленков.
Резултатите од пописот ниту може ниту смее да ги толкува кој како ќе стигне
И претседателката на Антикорупциската комисија, Биљана Ивановска, потврди дека има злоупотреби со вработувања, така што луѓето по потреба си ги пополнуваат графите за националност, а нејзиниот колега од комисијата Нури Бајрами изнесе повеќе детали за овој проблем.
„Нам ни се случи едно лице на истиот оглас да се изјасни како Македонец, Албанец и Ром. И во другите огласи исто така. Онаа политичка волја што се претвори во законска одредба во однос на соодветна и правична застапеност, стана алатка за понижување. Значи, тераш луѓе да лажат за нешто најосетливо за нив, за да можат да се вработат. И никој веќе не се занимава со тоа“, изјави Бајрами, констатирајќи дека е подобро балансерот за правична застапеност да се укине, отколку да се понижуваат луѓето на овој начин, и дека треба да се донесе ново законско решение за вработувања, пред сѐ врз основа на Мерит-систем.







