За цела година членство, од НАТО само еден безбедносен сертификат за цела власт

Македонија денеска го одбележува денот кога формално влезе во НАТО со неславно досие и јавна информација според кои само еден македонски државен функционер досега добил безбедносен сертификат.



По една година од влезот во алијансата само претседателот Пендаровски ги минал темелните проверки на специјалните служби на НАТО кои проверуваат дали македонските функционери имале контакти со ривалски служби и држави на алијансата, дали биле инволвирани во случаи на корупција или дел од мрежа на организиран криминал.

По главниот македонски воен претставник во НАТО, неговиот помошник и четирите генерали на АРМ кои не го минале ветингот на алијансата деновиве нема демант на информацијата дека и двајца министри, за МВР, Оливер Спасовски и за правда, Бојан Маричиќ не добиле безбедносен сертификат од НАТО.

Покрај овие лица НАТО се уште не издава сертификати за безбедност на поголем број луѓе кои се на важни позиции во безбедносните, одбранбените и правосудните позиции во Македонија што навестува дека се случува нешто загрижувачко.

Ефикасните служби на НАТО за една година, доколку било се во ред можеле да дадат барем неколку сертификати на најважните луѓе во земјава како Премиерот, вицепремиерите и министерката за Одбрана и со тоа да дадат сигнал дека колку толку Македонија е во релативно добра состојба на овој план.

Со само еден сертификат за Пендаровски логичен е стравот дека Македонија се соочува со сериозен внатрешен безбедносен проблем за чие решавање ќе треба да се преземат радикални чекори со кои ќе се елиминираат сите опасности за земјата но и за НАТО.