Поранешниот премиер Владо Бучковски смета дека предлогот од Франција да се одблокира евроинтеграцијата на Македонија со тоа што сите бугарски барања ќе ги исполнува за време на преговорите за членство во Европската унија е добар!
„Според мене, францускиот предлог е добра основа за излез од блокадата наметната од Бугарија. Да, треба да се надгради и да се допрецизира… но, што е она што мора да го обележиме како позитивно, несомнено тоа е решението за македонскиот јазик со кое дефинитивно веќе не се доведува во прашање употребата на македонскиот јазик во ЕУ. Во поглед на кревањето на ветото, има компромисна формула, првата меѓувладина конференција веднаш на 23 јуни, почетокот на преговорите по промената на Преамбулата на Уставот и вметнувањето на нашите сограѓани со бугарска самосвест во неа“, пишува донеодамнешниот специјален претставник на Владата за спорот со Бугарија во колумна за Нова ТВ.
„Долго време нè убедуваа нашите најголеми поддржувачи на патот кон ЕУ, Германците, дека билатералните спорови треба да бидат надвор од преговарачката рамка… сега, по сè изгледа, нема да биде така! Но, да ја поставиме поинаку дилемата! Дали некој има илузии дека можеме да влеземе во ЕУ без да го почитуваме Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од 2017 година? Дали нам не ни одговара оценката за исполнувањето на Договорот да го дава неутрален арбитар (Комисијата на ЕУ), а не само Бугарија? Дали во случај бугарските барања да не се дел од Преговарачката рамка ќе ни биде полесно да ги имплементираме? За крај, да го повторам мојот став, да бидеме проактивни, францускиот предлог дава добра основа да го надминеме спорот со Бугарија и конечно по 17 години да ги започнеме преговорите за членство“, заклучува некогашниот министер за одбрана на крајот од колумната.





