Денис Мекшејн, некогашен британски министер за Европа кој пред референдумот за територијалната реорганизација во Македонија вртеше стрелки на својот часовник пред Собранието со пораката дека од нас зависело дали ќе сме оделе напред или назад, се „прослави“ со уште една антимакедонска акција.



Во коментар за „ЕУ обсервер“, Мекшејн предлага апсорбирање во Европската унија на земјите од Западен Балкан една по една, почнувајќи од Македонија, во која виде некакво си „бугаро-македонско“ мнозинство?!

„За почеток може да биде Северна Македонија. Оваа мала нација, население од околу 2 милиона, покажува дека бугаро-македонското мнозинство може да коегзистира со 29 проценти што зборуваат албански. Во Скопје северномакедонската влада одговори со скромна промена на името за да ја пресретне грчката загриженост дека нејзиното наследство од Александар Велики и нејзиниот регион Македонија можат да бидат апсорбирани од вулгарните неисториски тврдења од некои скопски ултранационалисти. Северна Македонија исто така ги прифати барањата од Бугарија да го признае постоењето на бугарската заедница од 1.000 луѓе“, пишува Мекшејн во својот осврт за евроинтеграцијата на Западен Балкан.

Членот на Лабуристичката партија во 2014 година помина шест месеци во затвор поради проневера на средства за патни трошоци и за користење на својата гаража како пратеничка канцеларија.

Дури и според фаличниот попис од 2021 година и според Државниот завод за ревизија, 58,4 проценти од населението што живее во Македонија се Македонци, само 3.504 Бугари, како и 24,3 проценти Албанци или безмалку 5 отсто помалку од бројката за која зборува Мекшејн.