За „Бехтел и Енка“ барајте одговори од Артан Груби, вели премиерот пред новинарите

Владата има рок од 14 дена да им исплати дополнителни 53 милиони евра на „Бехтел и Енка“. Договорот на владата се уште се очекува од пратениците со безбедносен сертификат. Собранискиот спикер нее тука и не даде одговор на прашањата од новинарите, дали владата го доставила договорот и кога и на која комисија ќе се разгледува? За спорниот договор денеска молчеше и премиерот. Посочи одговорите да се побараат од управувачкиот комитет предводен од вицепремиерот Артан Груби.



До сега, изминаа 45 дена од потпишување на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д кој Владата (без тендер) го потпиша со конзорциумот на Бехтел и Енка. Во овој рок требаше да бидат донесени измените на Законот за работни односи со кој работната недела ќе се зголеми на 60 часа, а доколку тоа не се спроведе, има клаузула според која државата ќе треба да им исплати на „Бехтел и Енка“ дополнителни 53 милиони евра како индиректни или дополнителни трошоци.

Во меѓувреме, дигитронот на опозицијата покажува милионска сума за пенали, која се зголемува со секој изминат ден, особено откако викендов истече рокот од 45 дена во кој, според документите што ги објавија од договорот, требаше да се донесе законот за 60 часовна  работна недела. Побараа владата да ја покаже оваа страница во која, според нив, се предвидуваат и дополнителни пенали што значително ќе ја зголемат првичната сума за изградба на автопатиштата.

Документот беше побаран и од Антикорупциската комисија, чии членови исто така имаат безбедносни сертификати, но ниту на нив не им беше доставен. Од комисијата реагираа и зошто првин е потпишан договорот, а потоа се носат законите?Потсетија и дека, транспарентност мора да има кога се трошат пари на граѓаните.