Во опширна објава на Фејсбук, претседателот на Достоинство и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, смета дека францускиот предлог во ваква форма е неприфатлив и вели дека ако таквиот негов став ѝ штети на владата, тој е подготвен да понуди оставка на позицијата директор.
Во објавата Ангелов вели дека „… можноста да влеземе внатре во ЕУ е прилично мала и неверојатна, не само поради бугарските кочници кои се уфрлени во некои компоненти на модифицираниот француски предлог, туку и поради неискрената политика на некои од клучните држави членки на ЕУ кои декларативно се, но реално не се расположени за можноста држави од Западен Балкан да станат дел од европското семејство.
Токму затоа, „да“ за ЕУ но „не“ по секоја цена.
За нас во Достоинство ЕУ нема алтернатива и преговорите со Бугарија мора да продолжат сè до наоѓањето на некое пристојно и прифатливо решение. Но, ваков каков што е, модифицираниот француски предлог е неприфатлив за мене како човек но и за нас како политичка партија Достоинство. Воедно, како неформален лидер на поголем дел од македонските бранители, одговорно тврдам дека за нас македонските бранители кои во 2001-та се боревме и крваревме за татковината Македонија, овој предлог е неприфатлив“.
Ангелов потсетува дека Достоинство нема ниту еден собраниски пратеник, ниту владин министер, ниту општински советник, поради што влијанието на партијата во носењето на крупните политички одлуки на Владата е безначајно и од неа не зависи буквално ништо.
„Претпоставувам дека сепак, како мала но стегната политичка партија која произлезе од македонските бранители од 2001-та, најмногу преку мене како претседател и репрезент на Достоинство, имаме одредено влијание врз креирањето на јавното мислење и тука завршува нашата политичка моќ. Затоа овој наш јасно изграден став не треба да се толкува како напад врз власта во која партиципираме и ние самите, туку како отворен и конструктивен придонес во широката јавна расправа бидејќи, како што впрочем соопшти и самата Влада, одлуката за иднината на земјава треба да се донесе заеднички, мериторно и со согласност на сите клучни политички фактори.
Во секој случај, доколку нашиот јасно изграден став за т.н. модифициран француски предлог ѝ нанесува неприфатлива штета на Владата, подготвен сум да ја понудам мојата оставка на позицијата директор на Центарот за управување со кризи, а со тоа и на позициите раководител на Главниот штаб за управување со кризи, раководител на Групата за процена и член на Управувачкиот комитет.
Во спротивно, Достоинство и понатаму останува дел од владејачката коалиција задржувајки го правото на јавно искажување на различни ставови за одредени општествени настани, процеси или состојби, додека јас како владин функционер и понатаму максимално професионално ќе продолжам да го предводам кризниот менаџмент“ вели Стојанче Ангелов.
ЛИНК до оригиналната објава на Фејсбук







