Најновото истражување спроведено од фондацијата „Конрад Аденауер“ покажува дека 57,1 отсто од граѓаните се изјасниле дека се против „францускиот предлог“, што беше предуслов за тргнување на ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, наспроти 27,2 отсто кои истиот го прифаќаат.



Според истражувањето, македонско-бугарските односи се на едно долно рамниште, што може да има негативен одраз и врз квалитетот на елементарна комуникација помеѓу институциите и општествата на двете држави.

Мноштво испитаници – 64,2 отсто го поддржуваат членството на Македонија во НАТО, што претставува сооднос од 2:1 во прилог на поддржувачите. Исто така дури 56,2 процент од испитаниците сметаат дека со зачленувањето во НАТО, Македонија е побезбедна и постабилна, покажува истражувањето.

За членството на Македонија во ЕУ се изјасниле 63,8 проценти. Овој процент, наведуваат од Фондацијата, иако е сé уште многу висок, видливи се јасни негативни трендови споредено со првите две децении од независноста.

За 40,2 отсто од испитаниците причината за неуспехот на државата за членство во ЕУ е во домашните слабости наспроти 19,2 проценти кои причините ги наоѓаат во надворешните фактори.