За 11 Октомври „ Везилка “ и „Тешкото“ на Менхетен во Њујорк (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

По повод 80 годишнината од Денот на востанието на македонскиот народ, 30 години независност на Република Македонија и 100 години од раѓањето на македонскиот поет и кодификатор на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, Генералниот Конзулат на Република С.Македонија во Њујорк, синоќа, на Менхетен, во Македонскиот Културен Центар, организираше свечена пригода и чествување на овие три значајни јубилеи.



На настанот насловен како „Поетска вечер“ се говореше за ликот и делото на Конески како столб во македонската култура, литература и поезија.

За Блаже Конески се говореше како визионер за настаните и последователните случувања во културното и оштественото живеење на македонскиот народ, јасно искажан во звуците на неговата поезија.

Конески е светилник во нашата држава, тој го осветли патот кон трајните вредности на нашиот живот, на нашиот културен идентитет, со него станавме препознатливи во светот и нашиот македонски јазик се впиша во картата на светските јазици кои се говорат ширум светот, сметаат Македонците и во Македонија ќе и секаде низ светот.

“Голема е почитта и честа да се чествува неговото грандиозно дело во година која УНЕСКО ја прогласи за Година на Блаже Конески. Делото на Конески го заштити на некој начин македонскиот народ и го сплоти, зашто тој го одреди клучното идентитетско обележје на народот, а тоа е несомнено јазикот.

Да го чуваме, негуваме и да си го сакаме нашиот мајчин, милозвучен јазик македонски, да го користиме правилно, да го збогатуваме со нови зборови, наши, изворни, затоа што на тој начин го продолжуваме Заветот кој ни го остави великанот Конески: Јазикот е нашата Татковина”, вели професорката Соња Панева, која го подготви настанот.

На свеченоста присуствуваа голем број видни личности од македонската дијаспора, иселеници, дипломати, претставници од канцеларијата на УНЕСКО, почитувачи на македонската култура и други американски граѓани пријатели на нашата земја кои со почит го следеа настанот.

Стихови на македонски јазик читаа актерката и режисер Александра Огненовска и педагогот г-ѓа Лилјана Георгиевски а на англиски јазик професорите William Shue и Nicole Bevacqua.

Во чест на овој голем настан, гостите и присутните беа почестени со концертен настап на две македонски врвни музички имиња кои премиерно интерпретираа две дела: пијанистката Калина Мрмевска ја изведе темата: „Партита со фолклорни мотиви за пијано“ и темата: „Дафино- за виола и пијано“ во придружба на Алфрида Тозиева – виола.

Автор на двете дела е композиторот Гоце Гавриловски кој е препознатлив по творештвото на различни видови и жанрови на класичната музика.