За 10 милиони евра поскапува изградбата на интерконекторот со Грција

Изградбата на интерконекторот за пренос на природен гас до границата со Грција поскапува за 10 милиони евра, дознава „Фактор“. Овие средства ќе се бараат дополнително од меѓународниот кредитор со репрограмирање на долгот. Интерконекторот за природен гас со Грција треба да започне со изградба оваа пролет и требаше да биде во износ од 28,9 милиони евра, но сега се потребни најверојатно уште 10 милиони евра. Неофицијално, повеќе пари биле потребни поради новите стандарди кои се бараат за пренос на водород и заради поскапување на челикот.



Собранието на крајот од минатата година го изгласа Закон за гаранција на Република Северна Македонија за обврските по договорот за финансирање на проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, делот на Северна Македонија“, со кој од Европската инвестициона банка (ЕИБ) добивме заем од 28,9 милиони евра.

На владина седница, исто така, на 7 март била разгледана информација за „регулирање на долг со воспоставување на нови кредитни услови на операторот за пренос на природен гас АД НОМАГАС Скопје во државна сопственост поради неможност за отплата на доспеаните обврски“.

– Сумата не е фиксирана, тоа е како рамка и се зависи од тоа какви ќе бидат цените. 38 милиони евра е само проценка, ни изјави Бајрам Реџепи, директорот на АД Номагас, кој заедно со грчката ДЕСФА Атина треба да го изградат Интерконекторот, секој на територијата на својата држава. 

Согласно изработената Студија за изводливост и проектната документација, неговата вкупна инвестициона вредност ќе биде 57,8 милиони евра. Повеќе на оваа тема на Фактор.мк.