Висок украински воен офицер со длабоки врски со разузнавачките служби на земјата одиграл централна улога во диверзиите на гасоводите „Северен тек“ минатата година, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на украински и европски претставници запознаени со детали за тајната операција.
Експлозиите на трите цевки на гасоводите „Северен тек“ и „Северен тек-2“ во септември 2022 година била операција координирана од поранешниот командант на една од единиците за специјални операции на украинските вооружени сили, полковник Роман Червински.
Според весникот, 48-годишниот полковник бил одговорен за логистиката и организацијата на групата од шест лица кои изнајмиле јахта под друго име и користеле опрема за нуркање во длабоко море за поставување експлозивни направи на гасоводи.
На 26 септември 2022 година, три експлозии предизвикаа масивни истекувања на гасоводите Северен тек и Северен тек 2 што ги поврзуваат Русија и Германија под Балтичкото Море. Како резултат на саботажата, само една од четирите цевки на гасоводите останува во работна состојба.
Червински не дејствувал сам и не го водел самостојно планирањето на операцијата, велат познавачи на неговата улога. Офицерот добил наредби од високи украински функционери кои на крајот се пријавиле кај врховниот командант на украинските вооружени сили, Валериј Залужни.
Червински го негира своето учество во операција за саботажа на гасоводите.
„Сите шпекулации за мојата вмешаност во нападот на ‘Северен тек’ се шират од руска пропаганда без никаква основа“, рече Червински во писмената изјава испратена од неговиот адвокат до Вашингтон пост и до Дер Шпигел.
Червински е задржан во истражен затвор во Киев под обвинение за злоупотреба на положбата за време на операцијата за убедување руски пилот да пребега во Украина во јули 2022 година.
Тој беше уапсен во април оваа година. Властите велат дека тој дејствувал без овластување, а операцијата открила чувствителни информации за координатите на украинскиот аеродром, овозможувајќи руски ракетен напад во кој загина еден војник, а рани 17 други.
Претседателот Володимир Зеленски негираше дека Украина била вклучена во саботажата…






